Се труеме со увезена храна, а проблем е домашната зелка за која анализите покажаа дека нема недозволени пестициди и забранети средства. На овој начин, како што велат земјоделските експерти, само се наруши довербата кај домашните потрошувачи, кој не сакаат веќе да купуваат зелка, и секако угледот на македонските земјоделски производи, со што се девалвира нашето производство. Македонските земјоделски производи се здравствено исправни и безбедни и ги задоволуваат највисоките стандарди за безбедност на храната што се докажува со непречениот извоз на надворешни пазари кои подлежат на најригорозни контроли и стандарди. Поради тоа се поставува прашањето кој ќе ја плати штетата за тоа што се наруши впечатокот за безбедноста и квалитетот на нашите земјоделски производи?
-Нашите земјоделски производи се со висок квалитет и подлежат на сите контроли од надлежните институции за безбедност на храната. Поради тоа можам со сигурност да кажам дека граѓаните консумираат здрави земјоделски производи од домашно производство. Но, за жал, истото не можам да го кажам за увезените земјоделски производи. Преку 90 отсто е храна од увоз со сомнителен квалитет и потекло, бидејќи физички е невозможно на толкав обем на храна АХВ да изврши увид на целокупните увезени земјоделски производи. Така, на пример, „нитролакот“ со кој се прскаат мандарините и портокалите за да траат подолго и да светат е многу поштетен од „имидаклоприд“. Исто така, имаме увоз на житарки од Украина, а сите знаеме дека таму почвата е контаминирана со радиоактивни материи. Друг проблем е што имаме употреба на гликофосфат, кој е дозволен во ЕУ, а за кој има научни студии дека е токсичен и канцероген за човекот, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев, земјоделски експерт и претседател на Националната земјоделска мрежа.
Во ЕУ, исто така, забранета е употреба на месо замрзнато повеќе од 6 месеци, а кај нас нема такво ограничување. Тоа значи дека месото кое во ЕУ не се користи за исхрана, кај нас може да се увезе, да се продава по маркетите и да се користи во секојдневната исхрана на луѓето.
Земјоделските експерти се револтирани од ваквиот случај и сметаат дека ова намерно се прави, бидејќи нашите земјоделски производи се квалитетни и им се конкуренција на земјоделските производи од земјите во регионот. Што се однесува до Хрватска, ова не е прв случај да бидат вратени македонски земјоделски производи од оваа земја. Пред шест месеци во македонските пиперки кои беа пласирани на пазарот во Хрватска беше пронајден пестицидот „форметанат“ којшто важи за исклучително делотворен инсектицид што се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји и натаму го користат, но е забранет на територијата на ЕУ поради сомнежи дека може да влијае врз здравјето на луѓето.
-Ние извезуваме во многу држави и немаме никаков проблем. Извезуваме во Русија која има многу повисоки безбедносни стандарди за увоз на земјоделски производи за разлика од Европа. Пред две години кај нас листата на пестициди кој се дозволени за употреба се усогласи со европската регулатива. Така што немаме простор за манипулација. Што се однесува до „имидаклопридот“, ние пред да се донесе забраната работевме со тој препарат 30 години и го загрозуваше здравјето на луѓето, додава Каракашев.
Тој смета дека некои препарати кои се дозволени во ЕУ се поштетни од тие што се забранети. Овие забранетите вели дека нашите земјоделци ги набавуваат на црно најчесто од Турција која не е членка на ЕУ.
Ова го потврди и токсикологот д-р Нико Беќаровски, кој посочи дека се работи за пестицид кој спаѓа во групата на неоникотиноиди и има мала токсичност за луѓето.
– „Имидаклоприд“ спаѓа во групата на неоникотиноиди и има мала токсичност за луѓето. Имидаклоприд потполно е забранет во ЕУ од 2018 година поради зголемена токсичност врз пчелите. Овој инсектицид врз луѓето има иста или помала токсичност како останатите дозволени пестициди. „Имидаклоприд“ мора да го тргнеме од нашите полиња за да ги заштитиме пчелите, кои сè поретко ги гледаме. Јас лично повеќе би јадел зелка прскана со „имидаклоприд“, отколку прскана со „етиол“, „децис“, „ланате“, кои, за жал, сè уште ги има во Македонија. Нема научни докази дека „имидаклоприд“ е канцероген за луѓето. Во Македонија останаа премалку обработливи места со еколошки прифатлива почва и атмосфера, напиша Беќаровски на својот фејсбук-профил.
Направените анализи покажала дека во зелката која беше вратена од Хрватска не било детектирана употреба на забранети препарати за заштита.
-За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство беа направени дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарскиот продукт. Направените анализи излегоа дека се негативни, односно изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Министерот Трипуновски рече дека не знае дали се работи за некаква грешка на хрватските гранични контроли, но категорично изјави дека во Македонија кај посочениот земјоделец не се пронајдени такви недозволени пестициди ниту анализите покажале употреба на забранети средства.
Тој истакна дека засилени се контролите во делот на илегална, односно недозволена трговија со препарати за заштита на растенијата и оти се работи на проширување на дозволената листа препарати, со цел земјоделците да имаат пристап до повеќе препарати кои се поевтини и со поголема ефикасност.
(А.С.)