Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека утринава, на 06:04 часот, Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија регистрирала земјотрес. Епицентарот бил во близина на границата со Македонија, па бил почувствуван и во битолскиот регион.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утринава, во 06 часот и 04 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од пограничното епицентрално подрачје Битола-Лерин, во соседна Република Грција, на 125 км јужно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML3.4“, информираат од Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.