Гаревски: Бројот на жртви од земјотресот во Мјанмар може да надмине 10.000

372

Најмалку 1.700 луѓе загинаа во разорниот земјотрес од 7,7 степени по Рихтер и последователниот од 6,7 степени, кои го погодија Мјанмар во петокот. Потрагата по затрупани луѓе под урнатините сè уште трае, но сè помали се надежите дека  ќе се најдат преживеани. Најмалку 18 жртви има и во соседен Тајланд, каде што се почувствува земјотресот со голема силина.

Жителите на најпогодениот град во Мјанмар, Мандалеј, се плашат да се вратат во своите домови и сè уште спијат на улица, додека во главниот град на Тајланд, Бангкок, илјадници луѓе се евакуирани. Се проценува дека билансот на жртвите од земјотресот би можел да достигне 10.000.

Македонскиот експерт за сеизмологија и директор на Институтот за сеизмичка и цврста градба и климатски промени, Михаил Гаревски, смета дека за ваква магнитуда и афектирани градови, бројот на жртви ќе надмине и 10 илјади.

– Потресот беше почувствуван и во околните земји, а неочекувано предизвика уривање на една 30-катница во Бангкок, иако градот е оддалечен над илјада километри. Ваквото влијание на далечина укажува на значајната улога на меките седиментни почви под Бангкок, кои ги засилија сеизмичките бранови и доведоа до неочекувано рушење. Но, причината за рушењето на оваа зграда, како што успеав да видам од сликите, е тоа што зградата е без греди. Сигурно е дека за рушењето придонел и неквалитетниот материјал – вели Гаревски.

Светската здравствена организација го класифицираше земјотресот во Мјанмар како итна ситуација од највисок степен и испрати повик итно да се најдат осум милиони долари за да се спасат животи и за да се спречат епидемии во следните 30 дена.

ИЗДВОЕНИ