Општина Струмица, во два извршени инспекциски надзори, кај две компании констатира неправилности и комуналните инспектори им наложиле да ги отстранат. Едно лице било затекнато од комуналните инспектори во село Добрејци како согорува отпад од електрични кабли. Против него е поведена прекршочна постапка со изрекување на казна од 150 евра според Законот за јавна чистота.
Од СВР Струмица до Инспекторот за животна средина е пријавен запален отпад во село Градско Балдовци, но по увидот заедно со полицајци не е затекнато присутно лице за кое од страна на инспекторот за животна средина би можело да се води инспекциска постапка.
Инаку, во изминатите десетина денови, Општинскиот инспекторат за животна средина на Општина Струмица изрече глоби на три компании од 9.000 евра и 500 евра за управителот на правниот субјект, а на други им е наложено да постават филтри за да не го загадуваат амбиенталниот воздух.
Покрај компаниите казнети се пет граѓани со казни од 250 и 150 евра, а во повеќе наврати кај инспекторите е пријавено палење оган на отворено и горење најразлични материјали.
Извештаите за извршените вонредни надзори, кои се спроведуваат од страна на инспекциската служба, ќе продолжат да се објавуваат на официјалната страница на Општината.