Едно лице е убиено, а две се повредени во вооружена крвава престрелка што се случилa во понеделникот пред полноќ, во населбата Топанско Поле, во скопската Општина Чаир. Според МВР, конфликтот настанал поради недоразбирање во сообраќајот. Полицијата, брзо по инцидентот, успеала да приведе четири осомничени лица. Според неофицијални информации, во престрелката во Чаир е убиен Хебиб Буњаку, син на поранешниот функционер на ДУИ, Екрем Буњаку, а еден од ранетите е Бесник Буњаку, брат на убиениот Хебиб. Овој инцидент не е изолиран случај и е уште еден во низата вооружени пресметки што се случија во изминатиов период, на подрачјето на оваа скопска општина. Два слични инциденти се случија и во октомври лани, како и на 2 декември, кога беше рането едно лице при пукање во паркот во близина на чаирскиот стадион |
Едно лице е убиено, а две се повредени во вооружена крвава престрелка што се случилa во понеделникот пред полноќ, во населбата Топанско Поле, во скопската Општина Чаир. Според МВР, конфликтот настанал поради недоразбирање во сообраќајот. Полицијата, брзо по инцидентот, успеала да приведе четири осомничени лица.
– Синоќа околу 23:50 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг-простор на подрачјето на Чаир, поради претходно недоразбирање во сообраќајот, настанала расправија меѓу две групи, при што било употребено огнено оружје – соопшти денеска полицијата.
Од Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во центарот на Скопје било пријавено дека кај нив, со повреди од огнено оружје, биле донесени Х.Б. (35) и А.Д. (35), двајцата од Скопје, и дека подоцна Х.Б. починал, а над А.Д. била извршена интервенција и бил задржан на лекување. Поради повреди од огнено оружје, во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ бил пренесен и Н.Д. од Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.
– По преземени мерки, а поради сомнение дека учествувале во престрелката, полициски службеници од СВР Скопје, околу 1:40 часот, во болницата го лишиле од слобода Б.Б. (39) од Скопје, на подрачјето на Чаир го лишиле од слобода Н.Д. (22) од Скопје, а подоцна биле пронајдени и лишени од слобода Р.Р. (41) и К.Т. (28), двајцата од Скопје. Исто така, по преземени мерки, на местото биле пронајдени два пиштоли, неколку возила и други предмети поврзани со делото. Сите уапсени се задржани во полициска станица, а надлежните служби продолжуваат со истрагата. По целосно расчистување и документирање на случајот, против инволвираните ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави – информираат од МВР.
Според неофицијални информации, во престрелката во Чаир е убиен Хебиб Буњаку, син на Екрем Буњаку, поранешен функционер на ДУИ и поранешен директор на Државниот инспекторат за техничка инспекција. Според информациите, еден од ранетите е Бесник Буњаку, кој е брат на убиениот Хебиб.
Во текот на денешниот ден, на социјалните медиуми граѓаните објавуваа пораки со кои се збогуваа од Хебиб и изразуваа сочувство до семејството Буњаку.
На местото на инцидентот, увид изврши дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, кој потврди дека се работи на детално расчистување на случајот.
– Според првичните сознанија, во престрелката учествувале повеќе лица, а од местото на настанот се подигнати траги и чаури, кои ќе бидат предмет на вештачење. Обезбедени се и снимки од видеонадзор, кои се прегледуваат. Исто така, издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот и се работи на целосно испитување на настанот и утврдување на причините – соопшти Јавното обвинителство.
Овој инцидент не е изолиран случај и е уште еден во низата вооружени пресметки што се случија во изминатиов период, на подрачјето на оваа скопска општина. На 2 декември лани, едно лице беше рането во пукањето што се случи вечерта, во близина на чаирскиот стадион, во паркот на улицата „Кемал Сејфула“. На 5 октомври, пак, со прострелни рани се здоби едно лице, по инцидент со огнено оружје што се случи на крстосницата на улиците „Џон Кенеди” и „Цветан Димов”.
– Според пријавеното, во повредениот било пукано од возило „пасат” – соопшти тогаш полицијата.
Десетина дена подоцна, на 14 октомври, на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ во Чаир, се случи тепачка во која беше рането едно лице.
– Поднесена е пријава против три лица, а за уште едно лице, четврти учесник во инцидентот, за кое постојат првични сознанија дека со акт на вооружено насилство предизвикал тешка телесна повреда – прострелна рана кај оштетениот, во тек е постапка за прибирање докази. Тој осомничен во моментот е на издржување затворска казна за друго дело, во КПУ „Идризово“ – соопшти тогаш МВР. (Б.Ѓ.)