Не стивнуваат реакциите по изјавата на вицепремиерот за економски прашања и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, дека е недомаќински кон македонскиот буџет и душмански да го раскине договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатишта, бидејќи досега му се исплатени милиони суми на изведувачот и тие не може да се вратат.

Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, во телевизиско гостување, потенцираше дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе го реализираат договорот со „Бехтел и Енка“, иако додека беа во опозиција, на големо кажуваа дека е историски криминал и дека е штетен.

– Сè што зборуваа – падна во вода! Ако тоа било историски криминал за кој обвинуваа од ДПМНЕ и, според нив, се работело нелегитимно, како го реализираат истиот договор? – праша таа. 

Реагираа и од нејзината партија.

– Христијан Мицкоски велеше дека договорот со „Бехтел и Енка“ е историски криминал. Во бројни изјави, речиси хистерично ВМРО-ДПМНЕ велеше дека договорот е штетен и дека е пљачка на народот. Александар Николоски го фрли сето тоа во вода, пу, пу не важи. Од денеска сè е различно – се вели во реакцијата на СДСМ.

Се огласи професорката Билјана Ванковска со коментар.

– Дал да плачам или да се смеам? Подобро душман на сиромавиот народ отколку на стратешкиот партнер и неговите профити. Николоски: Душмански е јас да го прекинам договорот со „Бехтел и Енка“ – напиша таа на Фејсбук.

Министерот Николоски објасни зошто не може да се раскине договорот, но ако се реализира со истата предвидена сума пари, да се добијат повеќе километри изградени патишта.

– Тоа ќе биде нашата главна битка во годините што следуваат: да добиеме повеќе километри автопат во рамките на истата финансиска сума што е договорена, а, исто така, јавноста треба да знае дека претходната Влада на СДСМ и на ДУИ веќе му има исплатено 240 милиони евра на изведувачот за буквално ништо, односно за т.н. подготвителни работи што не ги гледаме. Мислам дека ќе биде недомаќински однос кон македонскиот буџет, ако сакате и душмански, јас сега да го прекинам договорот, а тие средства се веќе кај изведувачот и не може да се вратат. Изведувачот може да тужи, да побара арбитража и, веројатно, да платиме уште толку и да отидат половина милијарда евра на македонските граѓани, а да немаме ни километар автопат. Тоа што мислам дека е правилен пристап е да се бориме со нив, да добиеме што повеќе километри автопат, што побрзо да ги изградиме во Македонија – рече Николоски.

Прашан дали нашле криминал во овој проект, за што ја обвинуваа тогашната Влада, Николоски рече дека Државниот завод за ревизија има извештај во однос на оваа работа, кој е направен пред да стане тој министер, и оти сега Обвинителството треба да го разгледа.

Во таа насока, првиот човек на движењето Беса, Билал Касами, во телевизиско гостување рече дека разговорите со компанијата „Бехтел и Енка“ одат во вистинската насока. И тој очекува изградбата на коридорот 8 да продолжи, а, најверојатно, поранешниот вицепремиер, Артан Груби, и поранешниот директор на ЈП за државни патишта треба да сносат одговорност за активностите поврзани со овој проект.

– И во однос на коридорот 8 гарантираме дека сите разговори со „Бехтел и Енка“ одат кон решавање на сите проблеми, дека динамиката на реализација на работите на терен е според договореното, бидејќи она што претходно го кажавме, го имаме. Директорот на ЈП за државни патишта и министерот Николоски наскоро ќе излезат со уште подетален извештај дека ДУИ на чело со Артан Груби и директорот Ејуп Рустеми направиле работи за кои, најверојатно, ќе треба да одговараат – изјави Касами.

Жителите на Ореовец бараат стопирање на ископот што го прави „Бехтел и Енка“

Жителите на прилепското село Ореовец вчера, во прилепскиот Основен суд, побараа времена мерка за стопирање на активностите на ископот за тампон што го прави „Бехтел и Енка“ на неколку стотини метри од селото. Адвокатот на жителите вели дека од доставената документација можело да се заклучи дека ископот се правел комплетно незаконски, криминално и без ниту една потребна дозвола. Бараат и одговорност од надлежните.

Жителите се крајно револтирани од ваквите постапки и велат дека од „Бехтел и Енка“ отворено им кажале дека ќе ги исплатат за претрпените штети. Велат дека остануваат на барикадите и протестите и дека нема да дозволат да проработи ископот за тампон кај нивното село. Очекуваат, во текот на наредната недела, и Основниот суд да донесе времена мерка за стопирање на активностите.

Во однос на ископот во Прилепско, министерот Николоски смета дека тоа е надлежност на изведувачот.

– Јас слушнав за таа работа, така што тие треба да си најдат најсоодветно решение од каде ќе црпат суровини што се потребни за автопатот, тоа не е наша обврска – рече тој.

(С.Бл.)