Се шири сезонскиот грип

Вирусот ХМПВ не е опасен и е познат одамна, смируваат од Комисијата за заразни болести.

730
Sick woman with flu, cold, fever and cough sitting on couch at home. Ill person blowing nose and sneezing with tissue and handkerchief. Woolen socks and medicine. Infection in winter. Resting on sofa.

Иако според лекарите пикот на сезонскиот грип се очекува во втората половина на февруари, сепак празничните дружења и семејните собиранки се главна причина за зголемување на бројот на заболени последниве неколку дена. Кај матичните лекари има зголемување на бројот на посети од пациенти со симптоми на покачена телесна температура од неколку дена, болка во грлото и мускулите. Во амбулантата на болницата за детски белодробни заболувања во Козле, за време на новогодишните и божиќните празници во едно деноноќие се прегледувале и до 220 деца, задржани на болничко лекување се 65 деца, а малку од нив се на кислородна поддршка. Д-р Олга Спасова од болницата во Козле вели дека, како што оздравените се испишуваат, така се прави место за новите случаи на заболени деца од грип, а околу 20-ина пак посетуваат дневна болница, односно ја примаат терапијата и заминуваат дома на лекување.

„Капацитетите на болницата се речиси полни, но се трудиме да ги ослободиме децата кои се на крајот на лекувањето за да направиме простор да ги примиме сите пациенти. Децата кои доаѓаат во нашата амбуланта имаат симптоми на настинка и грип, со зголемена температура, болки во грлото, летаргија, кашлање, кивање, отежнато дишење. За време на празниците работевме со засилена екипа, очекувано контактите го направија своето. Им порачуваме на родителите да внимаваат на хигиената кај своите деца, да ги зголемат количините на течности, да избегнуваат непотребни излегувања и да не бидат изложени на загаден воздух, вели д-р Спасова и додава дека пикот на грипот кај децата се очекува кон крајот на јануари и почетокот на февруари кога ќе тргнат во училиште.

Во исчекување на новиот извештај од Институтот за јавно здравје за состојбата со сезонскиот грип, кој треба да се објави во текот на утрешниот ден, според последните податоци тој се шири, односно бројот на заболени се зголемил за 59%, во споредба со последните неделни податоци. Според сведочењата на заболените на социјалните мрежи, симптомите се силна болка во мускулите, висока температура која не се симнува и по неколку дена, кашлица.

Во меѓувреме вирусот ХМПВ, кој е сличен на сезонскиот грип, е регистриран во Солун, од метапневмовирус заболен е 71-годишен маж, а според грчките епидемиолози и министерот за здравство, нема простор за паника, бидејќи како што објаснуваат, станува збор за вирус познат над 20 години. Грчките медиуми објавија дека мажот е хоспитализиран, а се заразил од неговата ќерка која била во Кина на одмор, каде што во моментов постои епидемија на метапневмовирусот.

Од Комисијата за заразни болести велат дека нема простор за паника, бидејќи единствено заедничко на ХМПВ вирусот со ковидот е местото каде што во моментов се шири, Кина. Доктор Злате Мехмедовиќ, кој е портпарол на Комисијата, смирува и вели дека „не постои никаква причина за загриженост“, бидејќи станува збор за познат вирус од 2001 година, кој го погодува горниот респираторен систем и многу ретко прави компликации.

-Метапневмовирусот не е нешто ново, како што беше ковидот во 2019 година, кој започна од Кина. Станува збор за познат вирус кој напаѓа луѓе што се со нарушено здравје или мали деца кои сè уште немаат развиено имунитет. Нема причини за загриженост, голема е веројатноста дека веќе сме го прележале, а ретко може да направи компликации на долните дишни органи, објаснува д-р Мехмедовиќ и нагласува дека ХМПВ-вирусот е познат и не е сериозен, за разлика од ковидот кој беше сосема нова инфлуенца за која немаше податоци за тоа како да се справуваме. Загриженоста кај граѓаните поради случаите во Кина е непотребна и Комисијата за заразни болести засега нема причини да заседава, смирува Мехмедовиќ

Симптомите  на ХМПВ вирусот се слични како кај сезонскиот грип – секреција, кашлање, кивање, телесна температура, болки во зглобови. Метапневмовирусот најчесто се пренесува преку близок контакт, преку допир на контаминирани предмети, па потоа допирање уста, нос, очи. Вообичаено дава горнореспираторни симптоми, поретко долнореспираторни.

Од Институтот за јавно здравје велат дека имале работен состанок по регистрираниот случај на ХМПВ вирусот во Грција и ќе направат превентивна подготовка. И од Светската здравствена организација истакнаа дека ХМПВ, вирусната респираторна инфекција, што се шири во Кина, не е ниту нова ниту особено опасна. Портпаролката на СЗО рече дека организацијата е во контакт со кинескиот центар за контрола и превенција на болести. Пријавени биле различни респираторни инфекции, вклучително и грип, РСВ, ковид-19 и ХМПВ, што е типично за зимата, информираат од СЗО.

За порастот на бројот на заболени од метапневмовирус (ХМПВ), кинеските медиуми почнаа да известуваат на почетокот на декември, што предизвика глобална здравствена загриженост, пет години по избувнувањето на пандемијата „ковид-19“, во Кина, која се случи во истиот период од годината.  Сепак, Пекинг и Светската здравствена организација се обидоа да ја смират загриженоста во последните денови.

-Пријавениот број на респираторни инфекции во Кина е во границите на нормалата за зимската сезона. Властите известија дека искористеноста на болниците моментално е помала од ова време минатата година. Не е прогласена итна состојба и не се преземени мерки на претпазливост“, соопштуваат од СЗО. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ