Пожарите кои беснеат во Лос Анџелес речиси цела недела, оставија најмалку 16 загинати, а викендот се проширија во областите кои претходно беа поштедени. Единаесет смртни случаи беа резултат на пожарот во Итон во близина на Пасадена, а пет други беа во округот Пацифик Палисадес. Неколку големи пожари горат во пошироката област на Лос Анџелес од вторникот, но овие два се најтешки.
Се очекува во борбата со огнената стихија да се вклучат и 70 пожарникари од Мексико за да им помогнат на противпожарните екипи кои се борат со пожарите.
Властите соопштија дека пожарот во Палисадес изгорел над 23.600 хектари и бил локализиран 11 отсто, додека пожарот Итон, кој изгорел над 14.000 хектари, бил локализиран 15 отсто.
Но, краткото затишје на ветрот брзо отстапи место за нови налети за кои синоптичарите веруваат дека ќе ги поттикнат пожарите во наредните денови.
„Критичните временски услови за пожар за жал денеска повторно ќе се зголемат за Јужна Калифорнија и ќе траат барем до почетокот на неделата“, велат од Националната метеоролошка служба.
„Ова може да доведе до ширење на постоечките пожари, како и развој на нови“, додаваат тие.