Почнаа градежните работи за санација и реконструкција на скверот позади ТЦ „Капитол“, проект вреден 45 милиони денари кој е еден од осумте проекти кои ќе се реализираат во Аеродром со финансиска поддршка од Владата. Премиерот Христијан Мицкоски ги повика општините да ги подготват апликациите за вториот повик за финансиска поддршка од страна на Владата за реализирање на нови проекти.
-Се работи за проект во износ од 45 милиони денари финансиран од Владата. Се работи за нова урбана површина од 4.500 метри квадратни на која ќе има нови плочки, ново зеленило, нова урбана опрема и еден простор во кој ќе може Аеродромци да уживаат, изјави градоначалникот на општита Аеродром, Дејан Митески.
Тој додаде дека овој е прв од осумте проекти од првиот повик кој е во вкупен износ од 3,4 милиони евра и оти веќе работат на проекти од вториот повик.
Министерот за локална самоуправа, Златко Пирински рече дека ова е доказ дека оваа Влада е партнер на локалната самоуправа. Преку овие проекти се подобрува квалитетот на животот на граѓаните.
Премиерот Мицкоски рече дека оваа недела се очекува да се распише вториот повик, којшто ќе биде малку поголем во вредност од првиот. Ако првиот беше до шест милијарди денари, овој ќе биде до 15 милијарди денари.
-Ги повикувам општините да подготват апликации, ќе има малку поширок период за аплицирање кој ќе трае до 30 април. За разлика од првиот повик, во овој вториот малку се олеснети условите во смисла на аплицирање, односно сите оние општини коишто поседуваат проекти со обезбедени документи за објавување јавен повик, за тендерирање ќе може да аплицираат, па во меѓувреме да го решаваат и оној дел поврзан со дозволата за градба. Така што мислам дека ќе биде и овој вториот успешен и стотици проекти мислам дека ќе ја поминат оваа филтер фаза и ќе се катализираат и ќе можеме да присуствуваме како што присуствуваме денес на отпочнување на активностите и нивно завршување и пуштање во употреба. Со среќа нека е и нека ни се множат вакви убави работи, нека се множат вакви убави градби и сите ние да уживаме во една поубава Македонија, рече Мицкоски.