Општина Штип ја реконструира големата сала која е наменета за разни општински настани, а најмногу за одржување на седниците на општинскиот Совет.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов информираше дека за комплетната обнова на салата од буџетот се издвоени околу 16.000 евра.
Од локалната самоуправа велат дека стариот инвентар, заедно со столовите и клупите комплетно ќе биде обновен, а салата ќе претставува една целина со малата сала која беше одвоена само со хармоника-врата, со што таа ќе има поголем капацитет.
Салата не е реконструирана од изградбата на општинската зграда пред повеќе од половина век, а во неа покрај општинската власт се сместени и подрачните единици на министерствата и други државни институции. Имаше мала реконструкција на крајот на 1980-тите кога доби и посебно студио за снимање на седниците и нивно тонско и печатено архивирање.
Јорданов вели дека со штипскиот изведувач на работите е договорено експресно и во најкус можен рок салата да биде комплетно обновена и првата наредна редовна седница на Советот во февруари да се одржи во неа. Ќе се обнови и холот пред салата каде се наоѓаат портретите на сите досегашни штипски градоначалници на Општината и претседатели на Советот.