Се регулира коритото на Пена, а ќе се уредува и населбата долж реката 

21

Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, најави дека ќе се работи на подобрување на условите за живеење во населбата „29 Ноември“, која се наоѓа долж реката Пена, после мостот на булеварот „Видое Смилевски-Бато“. Тој, исто така, нагласи дека веќе се регулира коритото на реката Пена, но и тоа дека се поставени и контејнери за жителите да не го фрлаат отпадот во реката.

Воедно, им ветил на жителите дека наскоро ќе започнат со асфалтирање на патот и поставување на јавно осветлување. Тој нагласил дека ваквите проблеми бараат итни решенија и оти локалната самоуправа е тука со своите можности да понуди решенија.

-Комуналното претпријатие, односно приватниот оператор „Саубермахер“, веќе расчисти дел од отпадот и веќе со локалните жители се договорија редовно да доаѓаат и да го собираат сметот во овој дел на градот. Исто така, сакам да потенцирам дека Општина Тетово имаше проект за урбанизација на овој дел од градот заедно со здруженија за заштита на Ромите, финансиран од УСАИД, но поради надворешната политика на САД ќе треба ние сами да се справиме со овој проблем, односно да бараме и други фондови национални или меѓународни, но има некои неопходни работи кои треба да се преземат по барање на жителите, Им ветив на жителите дека наскоро ќе започнеме со асфалтирање на патот и поставување на јавно осветлување – изјави Касами.

Жителите му се пожалиле дека нивното маало е место каде сè уште нема канализација.

– Потребна ни е канализација, да се постават коцки по улицата и сијалици. Имаме сега контејнери, ни ги донесоа и ќе се чисти депонијата. Ние имаме документи за приватизација за 33 куќи – наведе Даим Красниќи.

На новинарско прашање дали има можности да им се помогне на дел од жителите кои живеат во супстандардни услови и импровизирани живеалишта, Касами рече дека процедурите за урбанизација се многу комплицирани.

-Не предвидува законот некои полесни процедури за вакви ситуации каде навистина има потреба од Детален урбанистички план за да можеме понатаму да интервенираме, дали со социјални станови или да најдеме други можности за финансирање за регулирање на проблемите на овие наши сограѓани. А јас, од сега ќе се обидам ако е потребно во соработка со Министерството за транспорт, дури и да го повикам министерот да дојде на самото место да види да го имаме како приоритет донесувањето на Деталниот урбанистички план за оваа населба, за понатаму да бараме решение за изградба и на социјални станови. Согласно Детален урбанистички план се регулира и патната инфраструктура и канализација и вода – рече Касами.

 

ИЗДВОЕНИ