Александар Јосифовски, македонскиот победник во балканското шоу „Ѕвездите на Гранд“, му стави точка на својот осумгодишен брак
– Боже мој, не е крај на светот, секој тргнува по својот пат. Животот е само еден, нема реприза, затоа сакаме да си го живееме онака како што ни велат емоциите. На поранешната сопруга, Теодора, ѝ посакувам сè најдобро, таа го заслужува тоа
Во животот се случуваат секакви работи, убави и неубави, а една од понеубавите работи, секако, е разводот на брачните партнери, кои до вчера се колнеле во љубов до смрт. Меѓутоа, животот пишува романи, а јунак на овој роман е атрактивниот и популарен македонски рок-пејач од Охрид, Александар Јосифовски. Тој блесна на естрадната сцена во балканското шоу „Ѕвездите на Гранд“, кога ѝ ја донесе победата на Македонија. Тогаш, во тоа време, веднаш се прослави и по шоуто замина на прекуокеанска турнеја со Лепа Брена и со „Бјело дугме“, во Америка. Лепа Брена го покани на таа американска турнеја затоа што многу ѝ се восхитуваше на неговата музикалност, но и на неговата моќ да владее со публиката. Тоа навистина беше голем успех, а радоста не можеше да ја скрие и неговата грижлива мајка, инаку наша поранешна фолк-пејачка, Бети.
За Александар, по тие настапи во шоуто, новинарите пишуваа само најдобро, со причина. И навистина, охриѓанецот беше најдобар. Менторот и рокер, Ѓорѓе Давид, се гордееше со Аца Фаца, како што го викаат многумина нагалено. Девојките лудуваа по Јосифовски, но тој веќе беше во брак со својата љубена Теодора. Цели осум години. Со неа се запознал во нивниот Охрид, во друштво, на некоја забава. Тогаш му било роденден. Сакал да го одбележи на посебен начин. Ја побарал Теодора за жена, а таа, без двоумење, кажала „да“. Беа заедно сè до пред некое време. Сега, како гром од ведро небо, Јосифовски објави лоша вест, дека ѝ дошол крај на нивната љубов, дека се разведуваат. – Иако уживавме во нашиот брак, постојано се обидувавме да средиме некои работи, но, едноставно, не одеше. На крајот, разбравме дека мораме да му ставиме точка на бракот. Разводот е мошне тешка одлука, не ја донесов прекуноќ. Не се носи тукутака. Мачно е кога се разделуваш. Причината кај нас не е неверството. A и не постоеше љубомора. Попрво ќе кажам дека дојде до некое презаситување меѓу мене и Теодора, се оладивме, чувствата отапеа. Честопати си бевме здодевни еден на друг. Без муабети.
Боже мој, не е крај на светот, секој тргнува по својот пат. Животот е само еден, нема реприза, затоа сакаме да си го живееме онака како што ни велат емоциите. На поранешната сопруга, Теодора, ѝ посакувам сè најдобро, таа го заслужува тоа. Мојот професионален и приватен живот го продолжувам во Белград. Родниот охридски езерски брег ќе го заменам со Дунав и Сава, со белградските сплавови и со легендарната „Гранд продукција“ за која работат најголемите естрадни ѕвезди од српскиот шоу-бизнис. Во Охрид можам да се вратам во секое време.
Да бидеме искрени, нема некоја таква соодветна работа на македонската естрада, ние сме мал пазар. Малку се заработува кај нас, а трошоците се големи. Мали се и можностите за мегамузичка кариера. Впрочем, на сите влијателни луѓе на српската естрада сум им веќе добро познат – вели Александар Јосифовски за весникот ВЕЧЕР. (Д. М.) фото: архива-ФБ