Се разгледува иницијатива за референдум за отповикување градоначалници

25

Повторно се разгледува можноста за референдумско изјаснување за отповикување градоначалници. Ова го најави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во телевизиско гостување. Според него, тоа ќе ја зголеми одговорноста на локалните лидери и ќе овозможи поголема контрола од граѓаните.

Перински истакна дека ова решение било присутно и во Законот за локална самоуправа од 1995 година.

– Главната иницијатива за оваа промена произлегува од изразеното незадоволство на граѓаните од одредени сегашни градоначалници. Сметаме дека треба да им дадеме можност на граѓаните за отповикување градоначалници, а тоа било решено и во претходниот закон – изјави тој.

Перински најави сериозни реформи во локалната самоуправа и регионалниот развој, нагласувајќи дека земјата се подготвува за членство во Европската Унија.

– Регионалниот развој е исклучително битен сегмент, кој досега беше занемаруван. Почнуваме да градиме капацитети за да се адаптираме на потребите и на политиките на ЕУ – истакна министерот. 

Во рамките на реформите, планирани се измени на Законот за локална самоуправа, кои ќе овозможат поголема транспарентност и учество на граѓаните во креирањето на локалните буџети. Министерот истакна дека ќе се формира комунална полиција за елиминирање на девијантното однесување во локалните заедници.

– Сите овие промени ќе се спроведат на максимално транспарентен и отворен начин – наведе Перински.

Министерот објасни дека Министерството активно работи на адаптирање на своите капацитети и процеси со цел да ги задоволи условите поставени од ЕУ. Тој ги спомена земјите од регионот како пример, нагласувајќи дека многу од нив веќе го поминале патот на реформите.

– Никаде во регионот нема веќе министерство за локална самоуправа, туку тие се министерства за кохезија и регионален развој. Мислам дека е соодветно тоа, бидејќи овие земји веќе го поминаа овој пат, кој ние допрва треба да го изодиме – рече Перински, додавајќи дека земјата мора да се подготви за полноправно членство во ЕУ и за пристап до фондовите на Унијата.

Министерството работи и на подобрување на системот за учество на граѓаните во креирањето на локалните буџети. Тоа ќе им овозможи на граѓаните да имаат поголема улога во донесувањето на одлуките што директно ги засегаат. Министерот нагласи дека целиот процес ќе биде спроведен со голема транспарентност.

– Планираме да го дополнуваме Законот така што ќе се овозможи поголемо учество на граѓаните во креирањето на локалните буџети. Овој процес ќе се води на максимално транспарентен и отворен начин – додаде Перински.

Процесот на измени на Законот за локална самоуправа веќе е започнат со поддршка од УНДП и во него учествуваат како домашни така и меѓународни експерти.