Почна дислокацијата на опасниот отпад од акумулаторски батерии-оловна згура во селото Орман кој неодамна беше откриен од страна на инспекциската служба на Општина Ѓорче Петров во координација со Државен инспекторат за животна средина.
– Согласно Протоколот за безбедно транспортирање на опасниот отпад, правниот субјект по задолжението од решението на ДИЖС започна со транспортот со овластена компанија – потврдуваат и од Државниот инспекторат за животна средина.
Од Општина Ѓорче Петров соопштија дека опасниот отпад ќе биде дислоциран по сите стандарди на друга локација која е предвидена за таков вид отпад. За таа намена, посебно е изработен и басен со бетонска подлога со геотекстил и геомембрана.
Според Државниот инспекторат за животна средина тие се во координација со Општина Ѓорче Петров, Одделението за инспекциски работи и ќе ги следат во континуитет активностите до целосно завршување и враќање на опасниот отпад на првобитната локација.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски очекува за околу две недели локацијата целосно да се расчисти.
– Наш приоритет остануваат исклучиво интересите на жителите на Ѓорче Петров. Здравјето на граѓаните ни е најважно и нема да дозволиме ништо да ни застане на патот кон елиминирање на штетните влијанија и кон создавањето на здрава, квалитетна и еколошки одржлива животна средина – изјави Стојкоски.
Големата депонија со отровна згура беше најдена на приватен имот во скопски Орман, во октомври минатата година. Отпадот остаток од преработка на акумулаторски батерии во количина од околу 500 до 600 тони, таму се трупала најмалку 6 месеци, а во криминалната шема која ја сподели со јавноста директорот на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), Сретен Стојковски, биле вклучени четири фирми и две физички лица.
(А.П.)