Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски кој со владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски е во работна посета на Обединетите Арапски Емирати, најави дека се преговара со емиратската нискобуџетна авиокомпанија „Ер Арабиа“ да отвори најмалку два лета кон Македонија, од кои едниот би бил до Охрид со цел дополнително развивање на туризмот.

– Зборувавме и за директно спојување. Веќе имаме договор со „Флај Дубаи“ за лет Дубаи – Скопје кој наскоро треба да започне, а зборуваме и со „Ер Арабиа“ за отворање на најмалку два лета од кој еден се надевам дека ќе биде кон охридскиот регион како дополнително би се развил туризмот – истакнал Николоски.

Тој на средбите посочил дека Македонија нуди услови за отворање на добро платени работни места, а фокусот бил ставен на соработката во инфраструктурата, туризмот и образованието.

– Имаме бројни средби во овие неколку дена, ќе потпишеме неколку договори за економска соработка. Зборуваме за големите можности што ги носи туризмот во Македонија и планинскиот и езерскиот. Исто така за коридорите 8 и 10 кои се значајни за поврзување за цела Европа, не само за Македонија, ги презентираме пред стопанските комори во Обединетите Арапски Емирати како начин да привлечеме инвеститори во Македонија – истакнал Николоски.

„Флај Дубаи“ требаше да почне со летови до Скопје од 30 март годинава, но до Министерството за транспорт и врски побараа пролонгирање на линијата, која е една од субвенционираните од македонската влада. Тие појаснија дека остануваат целосно посветени на воспоставување на оваа дестинација.

На првиот повик на Владата за субвенционирање на авиолинии во октомври 2024 беа избрани шест авиолинии на „Визер“, „Туркиш ерлајнс“ и „Флајдубаи“. „Визер“ ќе добие владина помош за летовите од Скопје до Барселона и Лион кои треба да стартуваат од мај 2025 и до Штутгарт од октомври 2025. „Туркиш ерлајнс“ од 27 март почна со летови меѓу Истанбул и Охрид четири пати неделно.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ