Стравувајќи за безбедноста, еден од најдобрите светски велосипедски тимови, белгискиот Судал квик степ, се повлече од претстојната трка во Руанда, која е вмешана во војна во соседното Конго.
Околу шест илјади луѓе беа убиени или ранети кон крајот на јануари, во источно Конго, каде што бунтовничката група М23, поддржана од Руанда, го освои клучниот град, Гома.
Извршниот директор на Судал квик степ, Јирген Форе, изјави за белгиската „Спорца“ дека членовите на тимот што треба да одат таму се загрижени за својата безбедност, поради војната недалеку од стартот и финишот на една од етапите од трката, која ќе се вози од 23 февруари до 2 март.
- Ја разгледуваме препораката од белгиското Министерство за надворешни работи, која укажува на неколку проблематични точки, особено во регионот во близина на границата со Конго, во близина на Гома – истакна Форе.