Сè повеќе заболени од грип, нови 1.878 случаи

15

Вкупно 1.878 случаи на заболени од грип и заболувања слични на грип се пријавени во четвртата недела од 2025 година, што е за 33 отсто повеќе во споредба со претходната недела, соопшти Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Во информацијата се наведува дека најмногу заболени, 1.066 лица, има во возрасната група од 15 до 64 години. Триста четириесет и девет се деца, на возраст од пет до 14 години. Додека 325 од новозаболените се деца на возраст до четири години. Регистрирани се 138 лица на возраст над 65 години. Најмногу заболени има во Скопје, 581 лице. Следуваат Кавадарци со 219, Куманово со 167, Струмица со 162 и Штип со 106 заболени.

– Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, што е над неделната граница за средна активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широка географска активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 отсто три недели по ред. Согласно со овие податоци, во Македонија има среден интензитет на вирусот на грип – соопштија од ИЈЗ.

За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнуваат собирање и престој во простории каде што престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе што се болни или сомнителни: кашлаат, киваат или имаат покачена телесна температура.

ИЗДВОЕНИ