Присуството на забранетиот пестицид „имидаклоприд“ во македонската зелка увезена во Хрватска го вклучи алармот за безбедноста на храната. И покрај тоа што е забранет овој пестицид во земјата повеќе од пет години, неговото присуство повторно го отвора прашањето за безбедноста на храната и за заштитата на здравјето на граѓаните. „Имидаклоприд“, познат како еден од најопасните пестициди, е забранет за употреба во ЕУ поради штетните ефекти. Според научните истражувања, овој пестицид предизвикува штети врз срцето, мозокот, бубрезите и врз тироидната жлезда. Долготрајната изложеност доведува до невролошки симптоми, како и до респираторна инсуфициенција и потенцијално смрт.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) потврдија дека добиле известување преку Системот за брзо предупредување за храна на ЕУ. Официјалната контрола е спроведена на граничен премин, а лабораториските тестови го потврдија присуството на забранетиот пестицид. Инспекциските служби на АХВ ќе ја испитаат поврзаноста меѓу увозникот и производителот, а спорните количини ќе бидат уништени.
И покрај тоа што е забранет, агрономите предупредуваат дека пестицидот „имидаклоприд“, најверојатно, е достапен на црниот пазар. Иако не е легално достапен во земјоделските аптеки, постојат сомнежи за негова употреба во одгледувањето зеленчук на домашниот пазар.
На зелените пазари, трговците признаваат дека зеленчукот се прска со пестициди, но не знаат дали се почитуваат дозволените стандарди.
Европската комисија во последниот извештај објави дека има пораст на предупредувањата за небезбедна храна преку РАССФ-системот. Имало вкупно 4.695 известувања, а, како и досега, најголемиот број известувања се однесуваат на остатоци од пестициди и патогени микроорганизми откриени во прехранбените производи. И понатаму Германија, Холандија и Белгија се земјите од кои имало најмногу предупредувања.
– Во текот на 2024 година, примени се и реализирани вкупно 23 нотификации од Системот за брзо известување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ – РАССФ, од кои 13 се однесуваат на небезбедна храна по потекло од нашава земја, а другите се поради направен увоз на небезбедна храна. Од вкупно 23 примени известувања, 16 се однесуваат на храна од неживотинско потекло, 5 се за небезбеден материјал што доаѓа во контакт со храна, 1 нотификација се однесува на храна од животинско потекло и 1 на добиточна храна. Станува збор за 9 алерт нотификации, што значи дека небезбедната храна веќе била пласирана на пазарот, додека 8 нотификации се однесуваат на одбиена пратка од граница, 3 се информации за проследување и 3 се информации за внимание. Од земјите што нотифицираат, односно земјите што креираат нотификации, се работи за Италија, Хрватска, Шпанија, Полска, Австрија, Грција Белгија, а по нив и сите други земји – информираат од АХВ за весникот ВЕЧЕР.
Според категоријата на небезбедниот производ, доминира категоријата на храна од неживотинско потекло овошје и зеленчук од примарно производство и конзервирана, преработена храна и небезбеден материјал што доаѓа во контакт со храна од неживотинско потекло.
Во однос на видот на засегнатата храна, станува збор за: небезбеден производ од примарно производство свежи моркови, пиперки, печурки, зелка, конзервирани производи од примарно потекло, органско какао, млечни чоколадни барови, семки од кајсија, замрзнати лижавчиња, пилешки копани, крвна смеса за прасиња.
Во 2023 година, примени се и реализирани вкупно 13 нотификации, од кои 3 се однесуваат на небезбедна храна по потекло од нашава земја, а другите се поради направен увоз на небезбедна храна. Од вкупно 13 примени известувања, 11 се однесуваат на храна од неживотинско потекло, 1 за храна од анимално (животинско) потекло и 1 известување за небезбеден материјал што доаѓа во контакт со храна. Станува збор за 4 алерт нотификации, што значи дека небезбедната храна веќе била пласирана на пазарот, додека 2 нотификации се одбиена пратка од граница, 3 се информации за проследување и 4 се информација нотификација за внимание.
Од земјите што нотифицирале, односно земјите што креираат нотификации, во 2023 година станува збор Австрија, Франција, Полска, Италија, Словенија, Хрватска, Романија, па сите други земји. Според категоријата на небезбедниот производ, доминира категоријата додатоци во исхраната со 4 нотификации, 3 се однесуваат на категоријата овошје и зеленчук, 1 е нотификација во категоријата пилешко месо и негови производи, а другите категории храна се присутни со по едно известување.
Во однос на видот на засегнатата храна, станува збор за: небезбедно пилешко месо, зелка, кисела зелка, пиперки, сончогледово масло, путер од кикиритки, додатоци во исхраната. Во однос на небезбедните материјали во контакт со храна, станува збор за небезбеден детски прибор за јадење од бамбусови влакна.
(А.С.)