Спроти кампањата за претседателските избори, која почнува во четврток на 4 април, кандидатите за претседател на Македонија, што ќе учествуваат на изборите на 24 април, денеска во Државната изборна комисија потпишаа Кодекс со кој се обврзаа за фер и демократски избори. Кодексот го потпишаа сите кандидати освен лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.
Пред потпишувањето на Кодексот се редеа коментари на кандидатите кои упатија критики дека станува збор за формален чин, и дека на терен состојбата веќе индицира дека се фаворизираат кандидати, се носат граѓани за собирање потписи, нема дебати… Актуелниот претседател Стево Пендаровски изјави дека очекува демократска и фер кампања која и доликува на земја членка на НАТО и кандидат за ЕУ. За разлика од него, Гордана Силјановска-Давкова, рече дека потпишувањето на Кодексот е церемонијален чин , а во основа е морален илузионизам. За Стевчо Јакимовски, ако нема дебата на претседателските кандидати и тој не е подготвен да стави потпис за фер кампања. Кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, верува дека на претстојните избори кандидатите ќе се натпреваруваат со идеи и визии и најави позитивна кампања.
Во земја во која не се почитуваат Уставот и законите, не може да се очекува фер кампања, изјави кандидатката Биљана Ванковска и додаде дека Левица, чиј е кандидат, поднесе претставка до Уставен суд за дискриминирачко распределување на времето за претставување на кандидатите. Арбен Таравари очекува овие избори да бидат најфер од сите досега, додека кандидатот Максим Димитриевски рече дека потпишувањето на Кодексот е форма, а не суштина и ја повика ДИК да провери колку од потпишаните граѓани за кандидатите за претседател се вработени во јавната администрација.
Инаку, пред една недела на извлекувањето за редоследот на претседателските кандидати, што се одржа во Државната изборна комисија, актуелниот претседател и кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, го доби првото место на гласачкото ливче, под број два е Гордана Силјановска-Давкова, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, бројот три го доби Стевчо Јакимовски од ГРОМ, четворката му припадна на Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска од Левица е петта на листата, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ е со бројот шест, а кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кандидат на партијата ЗНАМ е со бројот седум.
На претстојните парламентарни избори политичките партии кои учествуваа во одредување на редоследот на претседателските кандидати кои ги предложиле или поддржале, ќе може да го задржат истиот реден број како и кандидатите за претседател на изборите на 24 април.
Ова е овозможено со новите измени и дополнувања на Изборниот закон, кои беа донесени на собраниска седница во понеделникот заради поедноставување на постапката на определување на реден број на гласачкото ливче.
Останатите политички партии кои ќе учествуваат на парламентарните избори, пак, дополнително по пат на ждрепка ќе извлечат редни броеви под кои ќе настапат на изборите.
А, во пресрет на кампањата за претседателските избори, која почнува за еден ден, и политичките партии што учествуваат на изборите денеска ќе потпишат декларација со која ќе се обврзат на фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза.
Потпишувањето на оваа декларацијата е традиционален настан, кој го организира Институтот „Охрид“ од 2014 година и се одржува пред секои избори.
Пред секои избори вообичаено се потпишуваат Кодекси и декларации, но останува да се види колку тоа ќе се спроведе во пракса со оглед дека на политичката сцена веќе се присутни црната кампања, навреди и конфронтирачка реторика.
И експертите постојано укажуваат на ова нагласувајќи дека потписите и кодексот не може да ја завршат работата доколку кај партиите нема политичка волја и решеност за фер изборна трка.
На политичката сцена, судирите меѓу најголемите партии, владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изминативе недели се однесуваа на прашањата поврзани со нивните претседателски кандидати и со евроинтегарциите, додека најострите критики во албанскиот политички блок беа поврзани и со предупредувањата за можни изборни нерегуларности.
Во меѓувреме течат или финишираат и другите активности на институциите што се преземаат спроти изборите, со цел обезбедување фер и демократски процес на двојните избори на 24 април и на 8 мај.
Согласно роковникот за подготовка на изборите, синоќа на полноќ истече и рокот за доставување на листите за кандидати за пратеници до Државната изборна комисија за парламентарните избори на 8 мај
Од ДИК информираа дека коалицијата што ја предводи СДСМ прва ги доставила листите за пратеници, како и дека доставени се листи за пратеници за сите шест изборни единици.
Според досега објавеното, над 800 кандидати ќе учествуваат во трката за место во идниот парламент а граѓаните ќе може да избираат меѓу најмалку седум кандидатски листи предложени од пет коалиции и две партии кои ги објавија листите за изборите на 8 мај.
Кампањата за парламентарните избори официјално ќе почне на 18 април, но партиите секојдневно излегуваат со ветувања за влез во ЕУ, раст на платите, борба со корупцијата
Денеска пак ДИК го заклучи и избирачкиот список и за претседателските и за парламентарните избори кои се закажани на 24 април и на 8 мај.
М.С.