Денеска почна местењето дрвени куќарки на Градскиот плоштад. Скопјани прашаа дали оваа година започна новогодишното украсување токму со овие куќарки и дали тие ќе бидат наменети за новогодишниот базар. Но, одговор на нивните дилеми од Град Скопје не добивме, ниту, пак, дали се подготвува новогодишна програма.
Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, минатата година беше критикувана за задоцнетото китење на градот. Тогаш иронично изјави дека годинава ќе започне со китењето од септември. Еве, поминаа и октомври и ноември, дојде и декември, а нема поставено ниту еден новогодишен украс, иако би било убаво скопјани да ги почувствуваат новогодишната магија и убавината на претстојните празници
Денеска почна местењето дрвени куќарки на Градскиот плоштад. Скопјани прашаа дали оваа година започна новогодишното украсување токму со овие куќарки и дали тие ќе бидат наменети за новогодишниот базар. Но, одговор на нивните дилеми од Град Скопје не добивме, ниту, пак, дали се подготвува новогодишна програма.
Скопската градоначалничка, Данела Арсовска, минатата година беше критикувана за задоцнетото китење на градот. Таа тогаш иронично изјави дека годинава ќе започне со китењето од септември. Еве, поминаа и октомври и ноември, дојде и декември, а нема поставено ниту еден новогодишен украс, иако би било убаво скопјани да ги почувствуваат новогодишната магија и убавината на претстојните празници.
Затоа деновиве ГТЦ се погрижи да бидат поставени две елки, една на влезот што гледа кон плоштадот и друга на другиот влез близу „Холидеј ин“, а сопствениците на локалите сами се потрудија да им го овозможат на своите гости задоволството да уживаат во новогодишниот амбиент со тоа што новогодишно ги украсија локалите. Да не се тие, градот сè уште ќе тоне во сивило и никој не би имал чувство дека се наближува Нова година.
Координаторот на советничката група на ВМРО -ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Мартин Стојановски, токму во телевизиско гостување коментираше за тоа зошто сè уште не е накитен главниот град.
– Точно е дека градот не бил никогаш во полоша состојба во однос и на осветлувањето пред новогодишните празници, но и во текот на целата година. Затоа што имаме општини не само во градскиот дел туку и во приградските населби, кои се надвор од Скопје. Таму живеат голем број граѓани и често нема никакво осветлување, и тоа е голем проблем за градот – изјави Стојановски.
Наведе дека премногу се доцни со предновогодишното украсување.
– Во однос на украсувањето, мислам дека веќе се доцни, иако сме тука некаде на граница за украсување на Градот Скопје. Не треба да го заборавиме ветувањето од градоначалничката минатата година кога изјави дека во септември оваа година Скопје ќе биде украсено, а гледаме дека и ден-денес нема поставено ниту една светилка во Градот Скопје – дециден е Стојановски.
Тој посочи дека ваквата ситуација не е во интерес на Град Скопје и оти граѓаните заслужуваат да ја почувствуваат предновогодишната еуфорија. Испрати порака дека искрено се надева дека во најбрз можен рок градот ќе биде украсен онака како што ѝ прилега на една метропола како што е Град Скопје.
– Тоа е многу лошо за секое семејство што сака да го одведе своето детенце на плоштад. Кога ќе прошета покрај булеварите, како што беше практика во минатото, да бидат осветлени и да се сликаат со новогодишната елка. Мислам дека тоа моментално му недостига на Скопје и се надевам дека за многу брзо од денес ќе биде украсено како што ѝ прилега на една ваква убава метропола каква што е Градот Скопје – заклучи Стојановски.
И додека метрополата е без новогодишен амбиент, Битола веќе блеска со традиционалните украси и ги облагороди Офицерскиот дом, Широк сокак, плоштадот „Магнолија“, Старата битолска чаршија и многу други локации.
Во вторникот започна китењето на Куманово, каде што ќе блеснат Занаетчискиот дом, плоштадот и околните улици со украси вредни 3 милиони денари.
(А.П.) Фото: (П.С.)