Италијанската спринтерка Валентина Петриљо (50) е првата транс-жена која се натпреварувала на Параолимписките игри. Петриљо, која е родена како маж, се натпреваруваше на „Стад де Франс“, во понеделникот, на трката на 400 метри, во категоријата Т12 за спортисти со оштетен вид. Во квалификациите беше втора во својата група и се пласираше во полуфиналето, но не успеа да се пласира во финалето.

Петриљо, на која ѝ била дијагностицирана Старгардова болест, дегенеративно заболување на очите, како тинејџерка, се смета себеси за среќна и покрај предизвиците со кои се соочува. Во интервју за „АФП“, таа истакна дека учеството во Париз е „најважниот момент во нејзината спортска кариера“.

  • Со години се борев за да стигнам овде, истакна Петриљо.

Пред три години, повеќе од 30 спортистки поднесоа петиција до Италијанската атлетска федерација да ја отстрани од женската конкуренција.

Светската атлетска федерација им забрани на трансродовите жени кои поминале низ машки пубертет да се натпреваруваат во женска категорија на меѓународни натпревари, но според правилата на Светската пара атлетика, спортистката која е законски признаена како жена има право да се натпреварува во категоријата за која се квалификува.

Пред седум години таа почна да го живее животот како жена, во 2019 година започна со хормонска терапија, а во 2023 година стана жена во очите на италијанската администрација. Хормоналниот третман и овозможува да го задржи нивото на тестостерон под границата од 5 наномоли на литар крв. Таа граница ја определи Светската атлетска федерација.

  • За жал, сè уште живееме во ситуација кога трансродовите луѓе се маргинализирани, кои никогаш нема да можат да го променат документот како јас, кои никогаш нема да можат да го добијат она што го заслужуваат, почитта што ја заслужуваат, рече Петрило, која има два бронзени медала од Светското параолимписко првенство во 2023 година.