Мистериозна болест се појави во северозападниот дел на Конго и усмрти 53 луѓе. Повеќе од половина од жртвите починале само 48 часа откако се појавиле симптомите.
Лекарите на терен велат дека сите случаи, вкупно 419, се откриени во две села оддалечени 190 километри.
Засега не се знае дали настаните во двете села се поврзани, ниту за каква болест станува збор, па научниците предупредуваат дека е важно што поскоро да се откријат причините за здравствените проблеми.
Дури 80 отсто од заразените ги имаат истите симптоми, вклучувајќи треска, болки во телото и дијареа, објави Министерството за здравство на Конго.
Иако сите овие симптоми може да укажуваат на некои вообичаени болести, брзата смрт е она што најмногу ги исплаши лекарите.
Стравот дополнително се засили со фактот дека симптомите се слични на хеморагичните трески како ебола, со симптоми како што се крварење од носот, повраќање крв, внатрешно крварење… но првичните тестови беа негативни за овие вируси.
Светската здравствена организација објави дека истражува различни причини за болеста, вклучително и други хеморагични трески, маларија, тифус, менингитис и труење со храна или вода.