Норвежанецот Мариус Линдвик (26) е нов светски шампион во скијачки скокови, откако го собори рекордот на малата скокалница на натпреварите во Трондхајм. По освојувањето на златниот медал на Зимските олимписки игри во 2022 година, тој го освои и златниот медал на светските првенства, овој пат пред своите домашни навивачи, во родната Норвешка.
Победата ја оствари со скокови од 108 и од 104,5 метри, собирајќи 265,5 бода. Втор беше Германецот Андреас Велингер со 263,2 бода (106,5/104,5), а Австриецот Јан Херл ја освои бронзата со 256,3 бода (107/102).
Скокот на Линдвик од 108 метри е најдобар во историјата на малата скокалница во Трондхајм и е уште еден показател дека тој го дава најдоброто на големите натпреварувања.
Тој сезонава нема победи во Светскиот куп, а најдобар резултат му е второто место во Сапоро, Јапонија. Впечаток е дека го достигна врвот на формата во вистинско време.
- Ова е лудо, ова беа моите два најдобри скока оваа сезона. Да го направам тоа овде е лудост – изјави Линдвик по натпреварот на кој постигна еден од најголемите успеси во кариерата.
Во текот на својата богата кариера, Линдвик 172 пати се натпреваруваше на Светскиот куп, 24 пати стигна до подиумот и осум пати победи. Како дел од норвешката репрезентација, настапи 26 пати, 15 пати заврши на подиумот, а пет пати беше дел од победничкиот тим. Некогаш беше светски шампион во скијање, исто така во поединечна конкуренција.
Негов најдобар резултат во генералниот пласман на Светскиот куп е третото место, додека двапати заврши на второто место на новогодишната турнеја „Четири скокалници“.