Уживајте во сончевото време додека можете, бидејќи доаѓа студеното време, предупредуваат метеоролозите.

Најновото ажурирање на Европскиот модел (ECMWF) укажува на тоа дека во првата декада од месец nоември, најголем дел од eвропскиот континент, како и целиот Балкан буквално ќе бидат заледени поради продорот на многу ладен воздух кој ќе се спушти кај нас од Арктикот. Во ваква ситуација, на многу места и градови се очекува  и првото провејување на снег за оваа сезона (зборуваме особено за пониските места, односно за градовите), пишува метео прогнозерот Славчо Попоски во најновата прогноза.

Овој многу ладен воздух со потекло од Арктикот, ќе ни го донесе и првиот сериозен мраз за оваа сезона, со што очекуваме температури дури и до -10 степени, локално може тие да бидат и пониски, особено на високите планински места.

Дека продорот на арктичкиот воздух ќе дојде побрзо од што очекуваме, тврди и српскиот метеоролог Иван Ристиќ.

Ристиќ за српските медиуми истакна дека продорот на студениот арктички воздух ќе започне веќе следниот викенд, поточно на 3 ноември.

„ECMWF продолжува да најавува продор на студен арктички воздух низ „Виенската порта“ во недела на 3 ноември“, наведува Ристиќ.

Тој додава дека тоа ќе биде прво силно заладување оваа есен, кога се очекува попладневните температури да се спуштат до вредности од 6 до 10 Целзиусови степени.

Марко Чубрило, метеоролог аматер во временска прогноза вели дека на почетокот на следниот месец не чека поголем студ. Како што наведе, доколку нема значителни промени во следните неколку дена, нè очекува многу студен почеток на ноември, а зимското време годинава би можело да пристигне многу порано отколку во изминатите години.

„На почетокот на ноември речиси сите нумерички модели симулираат натамошно поместување на антициклонот кон Велика Британија, што би било проследено со силна циклогенеза над Скандинавија. Тоа би довело до движење на поголема количина на поморско-поларен воздух кон нас, чиј силен студен фронт на 2 ноември ќе пристигне до Алпите, додека нашиот дел од Европа би бил проследен со секундарна цикогенеза – наведува Чубрило.

Тој додава дека јачината на очекуваното заладување, како и снегот што би можел да падне зависи од точниот сооднос на тие барични системи.

„Засега се поизвесно е дека ќе настапи многу силно заладување кое со пообилни врнежи на подрачја над 800 метри надморска височина би донело лапавица и снег, а според пресметките на оперативната ECMWF, снег би можел и во низините, а температурите, особено оние минималните исто така би отишле во минус. Остануваат уште 5-6 дена многу пријатно, есенско време до тоа можно посилно заладување и тоа треба да се искористи на најдобар можен начин“, заклучува тој.