На девизните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна минатата недела, трет пат по ред, бидејќи американската валута и натаму е под притисок поради трговската војна меѓу САД и Кина.
Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни валути, падна за 0,6 отсто минатата недела на 99,23 поени, што е ново најниско ниво во последните три години.
Курсот на еврото порасна за 0,3 отсто, на 1,1390 долари.
Американската валута ослабе и во однос на јапонската за 0,9 отсто, па нејзината цена падна на 142,20 јени.
Падот на доларот трета недела по ред е резултат на тековната трговска војна меѓу САД и Кина.
Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела рече дека очекува трговски договор со Кина, но не даде детали.
Од друга страна, кинеското Министерство за надворешни работи соопшти дека Кина повеќе нема да обрнува внимание доколку САД продолжат да си играат со царинските бројки. Ова беше одговор на заканата на Вашингтон дека ќе ги зголеми реципрочните царини за увоз од Кина на вкупно 245 проценти поради неговите контрамерки.