Грчкиот министер за полиција рече дека ќе бидат применети „сите неопходни санкции“ за полицајците на островот Крит затоа што не успеале да уапсат пијан возач без возачка дозвола, кој подоцна предизвикал смрт на млад човек како учесник во сообраќајна несреќа.
Сударот во градот Ханија во кој загина жител на градот, 22-годишниот Панајотис Карацис, предизвика гнев во Грција, бидејќи некои сметаат дека неказнивоста на локалните моќници одиграла значајна улога во овој случај.
Имено, локалните медиуми јавија дека осомничениот за несреќата, чие име не се соопштува поради грчките прописи, е познат локален бизнисмен.
„Јасно е дека законот не е имплементиран“, изјави денеска за грчката телевизија Скај министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис, додавајќи: „Постојат различни перцепции, навики, кои понекогаш постојат во различни локални заедници, во различни служби – и јас не го кажувам тоа за некому да му дадам изговор. Нема оправдување за ова“.
Хрисохоидис рече дека „сите неопходни санкции ќе бидат применети на полициските службеници (кои не успеале да го уапсат осомничениот кога бил фатен пијан, без дозвола) штом работите ќе бидат истражени преку управни и судски постапки. ;
Сообраќајната полиција во петокот го запрела осомничениот возач и му направила алкотест, што бил негативен, соопшти полицијата, додавајќи дека возел без дозвола бидејќи му била одземена, исто така поради возење во пијана состојба.
Иако нивото на алкохол во крвта му било значително над дозволеното, и покрај тоа што немал дозвола, возачот не бил уапсен како што налага законот, туку само парично казнет, а полицијата ги дала клучевите од неговото возило на сопатник во автомобилот за кого утврдиле дека е трезен.
Меѓутоа, возачот подоцна ги зел клучевите назад, а потоа се судрил со автомобилот што го управувал младиот Карацис.
Крит е познат во Грција по сообраќајни несреќи. Грција исто така е рангирана близу врвот по бројот на сообраќајни несреќи во Европската унија.