Во Театар Комедија течат пробите за новата премиера „Вистината“ од Флоријан Зелер. Режисерот Владимир Јурц од Словенија и актерите од ансамблот на Театар Комедија со овој процес осмислуваат предизвик – метод на работа во кој два тима на актери/ки креираат не една, туку две „вистини“. Истата пиеса „Вистината“ наизменично на репертоарот ќе ја играат: Тања Мицков, Ева Скендеровска, Столе Мицов и Виктор Арсов, како и Кристина Христова, Благица Трпковска, Роберт Ристов и Александар Вељановски, соопштија од Театар Комедија.
Костимографијата е на Маја Благовиќ, Никола Николовски ја подготвува сценографијата, а автор на музиката е врвниот словенечки композитор, саксофонист и флејтист, Васко Атанасовски. Автор на плакатот е Воскресија Андреевска, драматург Димитар Банов, а дизајнот на светло е на Крис Јегер.
„Вистината“ со двата тима актери се подготвува од сопствени средства и со финансиска помош од Амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Двете премиери на „Вистината“ се закажани за 8 и за 9 мај 2025 година.