Во Македонскиот народен театар, во тек се пробите за театарската претстава „Ангели во Америка“ (дел I) од Тони Кушнер, во режија, превод и кореографија на Филип Петковски.

-„Ангели во Америка“ е едно од најзначајните драмски дела на современиот американски театар, кое низ два дела ги прикажува животот, политиката и идентитетот во САД во 1980-тите, во времето на СИДА-кризата и на конзервативниот политички подем. Преводот, адаптацијата и сценската поставка се очекува да понудат современо и релевантно читање на ова моќно дело во македонски контекст, се посочува за претставата.

Во неа играат: Јордан Симонов, Тања Кочовска, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски, Стефан Спасов, Александар Стоименовски, Илин Јовановски и Нела Павловска.

Продуцент е Петар Антевски, сценограф Мартин Манев, костимограф Антонија Гугинска-Јорданоска, а асистент на режисерот Антонија Белазелковска.

Претставата се реализира како копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ –  Скопје.

Како што се најавува, процесот на работа на претставата ќе се одвива во текот на април и мај, а нејзината премиера се очекува на крајот на мај.

ИЗДВОЕНИ