Градење институционални капацитети што ќе го поддржат развојот на бизнис-ангелите во земјава и посебна правна рамка што целосно ќе го дефинира овој концепт, најави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Како што рече, бизнис-ангелите не се само извори на финансирање туку и катализатори за иновации и за економски раст. Нудат „паметни пари“, искуство, експертиза и обезбедуваат капитал за малите и за средните претпријатија во клучните фази од нивниот развој, кога традиционалните финансиски институции често не сакаат да го сторат тоа.
– И покрај големиот потенцијал, концептот на бизнис- ангелите во земјава не е доволно развиен. Многу претприемачи не се целосно свесни за можностите што ги нуди овој концепт, а законската рамка сè уште соодветно не ги поддржува. Ова е празнина што Владата ќе ја реши. За да ја подобриме состојбата, прв чекор е создавање поволна правна средина. Законот што се изготвува ќе дефинира кој може да стане бизнис-ангел, под кои услови може да работи, кои се придобивките и процедурите. Ќе бидат наведени даночните и другите олеснувања на кои ќе имаат право бизнис-ангелите. Донесувањето на оваа законска рамка е од клучно значење не само за охрабрување повеќе поединци да станат бизнис- ангели туку и за обезбедување транспарентност и одговорност во овој процес – рече Дурмиши.
Тој укажа и дека е голема улогата на бизнис-ангелите во поддршката на претприемништвото, иновациите и на економскиот раст.
– Тие се поединци што не само што постигнале финансиски успех туку и акумулирале драгоцени искуство и знаење во текот на своите кариери. Сега се подготвени да ги инвестираат и своето богатство и мудроста во нови потфати – истакна Дурмиши.