Се открива ли нова афера тешка десетици милиони евра? Дијаманти, даночни затајувања, пари во кеш, двојни уплати…

2683

Дијаманти, даночни затајувања, пари во кеш, двојни уплати…Сето ова ги затекна државните институции по извршениот претрес во повеќе фирми и живеалишта на бизнисмени во Струмица Скопје и Гостивар. По претресот, на разговор во полиција се повикани управители, адвокати и нотари. Од тоа што во моментов е познато е дека е одземена огромна документација, но и други предмети кои се наоѓаат при самите претреси.

Сознанијата се дека акцијата се одвивала главно на територијата на Струмица, а детали нема, бидејќи станува збор за предистражна постапка која според закон е тајна.

Некои медиуми објавија непотврдени информации дека се работи за афера тешка десетици милиони евра, дека акцијата наводно е насочена кон струмички бизнисмен и дека при претресите биле пронајдени дијаманти и поголеми суми пари во кеш. При претресот кој се одвивал на повеќе локации низ државата, повеќе лица се во бегство, а бизнисменот е обезбеден на органите кои ја водат акцијата.

Како што информираше МВР, откриени биле и косовски државјани кои формирале фирми кои имале деловна активност со струмичкиот бизнисмен кој важи близок до струмичкото семејство на поранешниот премиер Зоран Заев. Покрај дијамантите, пронајдена била и поголема сума на пари во кеш која наводно ја чувал неговиот магационер во Скопје.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, преку објава на својот фејсбук-профил, им се заблагодарува на сите што учествуваа во акцијата во четвртокот, во Струмица и во други градови во земјава, за откривање финансиски криминал. Таа вели дека лично учествувала во претресите во Струмица, нешто невидено досега од министер за финансии и надвор од описот на нејзината работа.

– Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и од другите градови, кои денес, заедно со мене, цел ден неуморно работеа во спроведувањето на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија. Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и до Царинската управа, кои им беа огромна поддршка на колегите од УЈП. Покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ – порача Димитриеска-Кочоска на својот фејсбук- профил.

По доставено известување од страна на МВР за сознанија до кои дошла УЈП, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција оформи предмет поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“ по член 279 „даночна измама“ по член 279-а и „перење пари и други приноси од казниво дело по член 273 од Кривичниот законик на група субјекти, соопшти Обвинителство.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција оформи предмет по доставено известување од Министерството за внатрешни работи за сознанија до кои дошла Управата за јавни приходи. Предметот е оформен поради основи на сомневања за сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело на група субјекти.

– За докажување на основите на сомневање за сторување на наведените кривични дела, на барање од предметниот јавен обвинител, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје издаде наредби за претрес на дом и на други простории на повеќе локации во повеќе градови – посочија од Обвинителството. Предмет на истрагата е колапсот на Еуростандард банка и на фирмите, пред сѐ од Струмица, кои придонеле за него.