Се откажуваат летови, странците го напуштаат Либан – ситуацијата на границата со Израел напната

941

По речиси 300 дена конфликт меѓу Израел и Хамас, од викендов светот стравува од ескалација на односите на израелско-либанската граница. Ситуацијата стана сериозна по ракетниот напад од Либан врз фудбалско игралиште во село на Голанската Висорамнина, територија анектирана од Израел, во кој загинаа 12 деца на возраст од 10 до 16 години. Израел го оцени ова како најсмртоносен напад на цивили по 7 октомври, кога почна конфликтот, а како виновник го посочи  Хезболах, кој, пак, го негира тоа 

 

Германија ги повика своите граѓани итно да го напуштат Либан, а „Луфтханза“, „Јуровингс“, „Туркиш ерлајнс“,„Сан експрес“, „А џет“, „Ејџијан ерлајнс“, „Етиопијан ерлајнс“ и „Мидл ист ерлајнс“ ги откажаа планираните летови за Бејрут.

По речиси 300 дена конфликт меѓу Израел и Хамас, од викендов светот стравува од ескалација на односите на израелско-либанската граница. Ситуацијата стана сериозна по ракетниот напад од Либан врз фудбалско игралиште во село на Голанската Висорамнина, територија  анектирана од Израел, во кој загинаа 12 деца на возраст од 10 до 16 години. Израел го оцени ова како најсмртоносен напад на цивили по 7 октомври, кога почна конфликтот, а како виновник го посочи  Хезболах, кој, пак, го негира тоа.

Овој инцидент го врати дома израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја прекина посетата на САД за да се справи со кризата. Тој информира дека на состанокот на воениот кабинет, премиерот и министерот за одбрана добиле овластување да одлучат за начинот и времето на одговорот на Израел на нападот во селото на Голанската Висорамнина. Министерот за одбрана, Јоав Галант, вети дека силно ќе го погоди непријателот. Ова ги разгорува и стравувањата дека војната во Газа ќе се прошири, особено откако Иран го предупреди Израел дека секоја нова воена „авантура“ во Либан може да доведе до „непредвидени последици“.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го осуди ракетниот истрел во саботата и ги повика сите страни на „максимална воздржаност“. Специјалниот координатор на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашерт, и шефот на привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ), Аролдо Лазаро, во заедничка изјава, рекоа дека интензивирањето на размената на оган „може да запали поширок пожар што ќе го зафати целиот регион, со катастрофални последици“.

Додека ОН повикува на смирување на ситуацијата, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, вчера изјави дека Турција може да влезе во Израел „како што еднаш влезе во Либија и Нагорно Карабах“ за да им даде поддршка на Палестинците, но не прецизираше за каква интервенција може да се работи. На ова, шефот на израелската дипломатија, Кац, на социјалните мрежи напиша дека Ердоган оди по патот на Садам Хусеин, но дека треба да се присети како завршило тоа.

Либан, пак, побара „итен прекин на непријателствата на сите фронтови“, подоцна повикувајќи на „меѓународна истрага“ за нападот.

Хезболах, кој тврди дека нема врска со случајот, во очекување на одмазда од Израел, е во состојба на готовс, иако евакуираше неколку позиции блиску до границата и во источен Либан. Израелската војска во неделата соопшти дека погодила цели на Хезболах „длабоко на либанската територија и во јужен Либан“. Израелско беспилотно летало истрела два проектила врз селото Тараија во источен Либан, уништувајќи хангар и дом без да предизвика жртви, изјави либански безбедносен извор. Во меѓувреме, Хезболах објави дека неговиот прекуграничен оган е чин на поддршка за палестинските исламисти од Хамас, кои се борат против израелската војска во Газа, од 7 октомври, кога го нападнаа јужниот дел на Израел.

Белата куќа објави дека лансирањето на ракетата било „изведено од либански Хезболах“. Наспроти ова, Сирија ги осуди „лажните обвинувања“ на Израел против Хезболах и рече дека Израел бара „изговор за да ја зголеми својата агресија“, а шефот на Хезболах, Хасан Насрала, рече дека доколку се постигне прекин на огнот во Газа, неговото движење ќе ги запре прекуграничните напади. Египетските државни медиуми објавија дека треба да има разговори за прекин на огнот в недела, во Рим.

Во прекуграничните престрелки од октомври досега, убиени се најмалку 527 луѓе во Либан, од кои најмалку 104 цивили. Според израелската армија, досега во северниот дел на Израел се убиени 22 војници и 24 цивили. Во истиот период, во Газа се убиени најмалку 39.324 Палестинци, а 90.830 се ранети.