САД не ги укинаа царините за полупроводници и мобилни телефони од Кина, објави денеска американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа Вистина.
Најавата на Трамп доаѓа откако американската Царинска и гранична служба во петокот објави дека ослободува одредени кинески производи за широка потрошувачка, како што се паметни телефони, компјутери и полупроводници од царина од 145 отсто за кинескиот увоз. Тогаш беше објаснето дека за тие производи ќе се применува царината од 20 проценти што беше воведена на почетокот на годинава. Сепак, електрониката би била изземена од последниот бран тарифи.
Одлуката е донесена по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите со оглед на тоа што повеќето од нив се произведени во Кина.
Аналитичарот на Wedbush, Ден Ајвс, процени дека цената на еден iPhone произведен во САД ќе биде околу 3.500 долари, во споредба со вообичаените 1.000 долари.
Трамп: „Не е најавен никаков исклучок, Кина не третира најлошо“
„Никој нема да се „извлече“ од нефер трговските биланси и нетарифните трговски бариери што другите земји ги користат против нас, особено не Кина, која нè третира најлошо, многу полошо од другите земји.
Во петокот не беше објавен тарифен „исклучок“. Овие производи подлежат на постојните тарифи од 20% за фентанил и само се преместуваат во друга тарифна „категорија“. Лажните вести [медиумите] го знаат ова, но одбиваат да го објават.
Во претстојните истраги за царините кои се однесуваат на националната безбедност, ќе се осврнеме на полупроводниците и целиот синџир на снабдување со електроника. Она што беше откриено е дека ние мора да произведуваме производи во САД и дека другите земји нема да не држат како заложници, особено не нации како Кина кои се непријателски настроени по трговските прашања и кои ќе направат се што можат за да го понижат американскиот народ.
Исто така, не можеме повеќе да им дозволиме да не искористуваат во трговијата, како што тоа го прават со децении – тие денови завршија!
Златното доба на Америка, кое ги вклучува претстојните даночни и регулаторни намалувања, од кои значителен дел штотуку беа одобрени од Домот и Сенатот, ќе значи повеќе и подобро платени работни места, производство во нашата земја и третирање со другите земји, особено со Кина, на ист начин како што се однесуваат кон нас.
На крајот на краиштата, нашата земја ќе биде поголема, подобра и посилна од кога било досега. АМЕРИКА ПОВТОРНО ќе ја направиме голема!“ напиша Трамп.