Рускиот претседател Владимир Путин во денешниот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека вооружувањето и мобилизацијата на Украина мора да се прекине во контекст на идејата на САД за привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, соопшти Кремљ.
Во соопштението за печатот се наведува дека Путин рекол дека е подготвен да работи со американските партнери на детална студија за можните начини за решавање на ситуацијата во Украина.
„Лидерите ја потврдија својата намера да продолжат со напорите за постигнување решение за Украина“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Путин, исто така, ја поддржа идејата Русија и Украина меѓусебно да престанат со нападите врз енергетската инфраструктура на 30 дена. Се нагласува дека Путин и Трамп се договориле да останат во контакт по разговорот.
Тие се согласија Русија и САД да формираат експертски групи за решавање на конфликтот во Украина. Путин го информирал Трамп дека Русија и Украина на 19 март ќе разменат 175 воени заробеници.
Путин и Трамп разговарале и за соработката во областа на економијата и енергетиката.