Во Новаци, денеска се одржа традиционалната 52. државна акција на калемење диви овошки. Оваа акција воедно е и натпревар во калемење, односно облагородување на дивата круша горница, на која се калемеа сортите: санта марија, вилијамовка, клаповка, јунска убавица и боздоганка, како и на дивата слива џанка, на која се калемеа сортите: чачанска рана, чачанска лепотица и пожегача.
Денеска беа калемени повеќе од 2.000 садници овошки.
На манифестација учествуваа ученици од ЦДОУ „Славко Лумбарковски“ од Новаци, средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев” од Битола, студенти и фармери, a беа вклучени и претставници од ОО на Црвениот крст – Битола.
– Со оваа акција се очекува искористување на диворастечката флора, што ќе резултира со добивање квалитетни плодови од еколошки чисто поднебје, а акцентот е токму на крушата, која претставува овошје што недостига на домашниот пазар. Ваквите акции ќе дадат поттик кај месното население за зголемување на ангажманот и за разгледување на можностите за проширување на сопствениот семеен бизнис, заживување на руралните средини и на селскиот туризам, практична обука на учениците за калемење и сл. – истакна градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски.
Калемарската акција на диви овошки е во организација на Народна техника на Македонија.