Петгодишнината од членството на Македонија во НАТО – Алијансата беше одбележано денеска во касарната „Илинден“ во присутво на државниот врв и високи гости.
Единството во Армијата и единството во Алијансата да го преточиме во единство меѓу граѓаните и да изградиме општество кое ќе се развива од сите аспекти и ќе се прилагодува на новите предизвици со една цел, подобар, побезбеден и поквалитетен живот за сите граѓани, порача министерот за одбрана Владо Мисјаловски, на свеченоста што се одржува денеска во касарната „Илинден“ во Скопје по повод 5. годишнината од пристапувањето на Македонија во НАТО Алијансата.
Фото. П. Стојановски
Мисајловски, осврнувајќи се на неодамнешната трагедија со пожарот во Кочани, посочи дека живееме многу тежок период од нашата независност и оти денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј туку и го одбележуваме заедништвото и меѓусебната поддршка.
– Нема зборови за утеха за сите оние кои го изгубија најмилото и длабоко сочувствувам со нив и нивната болка. Сите се соочуваме и се бориме со измешани чувства и емоции, и навистина е тешко да ги најдеме вистинските зборови за значењето на еден ваков ден кога одбележуваме јубилеј – 5 години од членството на Македонија во НАТО. Денеска нема само да го одбележиме овој јубилеј, туку го одбележуваме нашето заедништво и меѓусебната поддршка. Зборовите на утеха, а уште повеќе, подготвеноста да се помогне е она кое од нас 32 земји во НАТО прави една здружена, обединета сила која е подготвена да излезе пресрет на секоја земја членка. Во раните утрински часови таа кобна недела и во периодот кој следуваше зборував со многумина од амбасадорите на земјите – членки и со повеќе од моите колеги министри за одбрана. Она што го слушнав од нив беше – „сочувствуваме со вас“ и „како можеме да помогнеме – рече Мисајловски.
Свеченоста продолжи со показни вежби на припадниците на Армијата.