Се очекува да се избере изведувач на санацијата на мостот кај Башино Село

23

Стручњаците од Градежниот факултет при УКИМ од Скопје го изработија техничкото решение за санација на мостот на реката Вардар кај Башино Село, на влезот во Велес и го доставија до Јавното претпријатие за државни патишта, информира деканот на Градежниот факултет во Скопје, проф. д-р Горан Марковски.

Сега останува ЈПДП да распише тендер и да избере изведувач за да започне санацијата на мостот на кој од 4 јануари годинава е запрен секаков вид сообраќај, поради влошената состојба на носечките столбови, а со цел да се спречи трагедија при негово уривање.

Професорот Марковски првично оцени дека треба да се санира мостот за месец до месец и пол. Тој и неговите колеги во саботата направија дополнителни испитувања на мостот, односно пробно товарење со камиони од 40 тони, статичко и динамичко на горниот строј на мостот на носачите за да видат во каква состојба се и од тој аспект да може да донесат техничко решение што понатаму со него.

Како трајно решение на проблемот на велешани, премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на мостот во Велес, на 4 јануари годинава, најави дека по завршувањето на сите административни процедури, ќе биде изграден нов мост на Вардар кај Велес, педесетина метри подолу од постојниот, а неговата изградба да почне кон средината од оваа година. 

 

 

ИЗДВОЕНИ