По 50 години, Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто ќе блесне во нов сјај. Од најцрна дупка во општината, ова место ќе стане центар на културата.
Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска го означија почетокот на реконструкцијата на овој објект.
Мицкоски истакна дека ова место ќе го користат жителите на општина Гази Баба, но и граѓаните од цело Скопје.
-Овој културен дом ќе претставува навистина убаво место, каде што ќе можат да се случуваат културни настани – нагласи премиерот.
Домот на културата ќе биде на површина од 1.000 квадратни метри.
Објектот ќе се гради според европски стандарди, ќе биде енергетско ефикасен и ќе има целосно инклузивен со лифт и тоалети за лица со посебни потреби. Воедно, тој ќе биде поделен на три нивоа: подрумски простории во кој ќе има остава – шминкерница, гардероби и тоалети, потоа, приземје во кое ќе има: фоаје, билетарница, галерија, тоалет за лица со посебни потреби, гедалиште, сцена и канцеларии, како и кат во кој ќе има: библиотека, тоалет за лица со посебни потреби, просторија за проекции и канцеларии.
Се очекува градежните активности да завршат и објектот да биде пуштен во употреба за помалку од 18 месеци.
Вкупната инвестиција изнесува 84.240.000 денари, средства обезбедени од Владата на Република Македонија.