Додека  партиски активисти секојдневно се на терен со многу активности, а градовите низ Македонија во изминатите две недели осамнуваат со пораките и рекламите на кандидатите за претседател на државата кои учествуваат во трката за шеф на државата, од ноќеска на полноќ, официјално почнува и кампањата за парламентарните избори закажани за 8 мај.

Пред стартот, денеска напладне партии и коалициите во Државната изборна комисија, го потпишаа и Кодексот за фер и демократски избори со кој се обврзаа дека преку своето дејствување и со своите активности ќе придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем. Големите политички субјекти го потпишаа кодексот, четири политички субјекти не испратија свои претставници, а тројца од присутните не го потпишаа документот  за фер и демократски избори –тоа беа претседателите на партиите ГРОМ на партијата Демократи и „Работничка партија“.

Кандидатот од партијата Демократи, Јорго Огненовски, изјави дека не го потпишал документот затоа што смета дека изборите нема да бидат фер и регуларни, а претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кажа дека не го потпишал Кодексот за фер избори, поради начинот на кој се финансираат парламентарните избори како и затоа што носители на листи за парламентарните избори учествуваат во претседателската кампања.

„Огромни суми се издвојуваат само за четири коалиции, односно политички партии, а трошки за сите останати. И она што е најстрашно, забрането е друг начин на финансирање. Носителите на листи за парламентарните избори со тоа што учествуваат во претседателската кампања праќаат лоша порака дека не се почитува Изборниот законик и како ќе ја водат Македонија. Тоа значи дека пак ќе биде беззаконие, пак ќе нема правна држава“, рече Стевчо Јакимовски, кој претходно не го потпиша и Кодексот за претседателските избори.

На изборите за нов состав на Парламентот ќе учествуваат 17 партии и коалиции – Коалиција за Европска иднина предводена од СДСМ, Коалиција „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ,Коалиција „Европски фронт“, предводена од ДУИ, партијата Левица, Коалиција „Вреди“ на албанските опозициски партии, Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива, Аваја, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета – Македонски независни листи,Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи и Работничка партија.

Седум од овие партиите и коалиции ќе бидат под ист реден број на гласачкото ливче како и нивните претседателските кандидати, додека за останатите партии се изврши дополнително ждребување во Државната изборна комисија, согласно со последните измени на Изборниот законик.

На извлекувањето за редоследот на претседателските кандидати, што се одржа   во Државната изборна комисија, Стево Пендаровски, актуелен претседател и кандидат на СДСМ, го доби првото место на гласачкото ливче, под број два ќе биде Гордана Силјановска-Давкова, предложена од на ВМРО-ДПМНЕ, бројот 3 го доби Стевчо Јакимовски од ГРОМ, четворката му припадна на Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска од Левица е петта на листата, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ е со бројот шест, а кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ, е со бројот седум.

Гласањето за избор на пратеници е закажано на 8 мај, заедно со вториот круг од претседателските избори.

За прв пат во овој изборен процес, кампањата за парламентарните избори ќе се одвива и во текот на молкот за претседателските избори.

Во меѓувреме до првиот круг од претседателските избори, кои се закажани на 24 април, остануваат уште седум дена. Кандидатите овие денови ги засилија своите активности и реторика и тие сè помалку се занимаваат со промоција на она што планираат да го работат, а повеќе со негативна кампања.

Оценките на аналитичарите се дека досега сè што се сакаше да се каже е веќе кажано, а во фокусот на кандидатите се евроинтеграциите и Уставот, додека   полемики се  водат и околу Преспанскиот договор, и НАТО, како и за тоа што на граѓаните треба да им пружи претседателот, и кои се начините за подигање на економијата и борбата против корупцијата и криминалот

Актуелниот шеф на државата и кандидат на СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски, кој нагласува дека на овие избори се профилираа две различни политички понуди, едната која работи државата да продолжи напред кон ЕУ, и втората која прави сè за да ја врати државата назад во неизвесност и вчера на митинг во Велес порача дека државата мора да продолжи напред по европскиот пат, и да не се враќа назад во балканската кал и мочуриште и во времињата на неизвесност.

Пендаровски потсети дека во изминатите седум години се реализираше членството во НАТО и дека тоа е најголема работа која ја направи владејачката партија, како и дека се забрза процесот на интеграција во ЕУ. Тој оцени дека овој процес денес е закочен заради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека партијата, предводена од Христијан Мицкоски, нема никаков план за иднината.

Пендаровски реагираше на изјави и на неговата противкандидатка од ВМРО-ДПНМНЕ, Гордана Силјановска, и рече дека таа пред четири години се залагала потписниците на Преспанскиот договор да бидат кривично гонети, а дека сега вели оти добро е што сме членка на НАТО. Без Преспанскиот договор нема членство во НАТО, рече Пендаровски.

-Делумно е манипулација на нашите граѓани и потценување на нивната интелигенција, а делумно е зошто не знаат што зборуваат сега, што зборувале порано и што напишале во програмата. Пред 4 години, госпоѓата има изјавено во една телевизиска емисија дека потписниците на Преспанскиот договор треба да бидат кривично гонети, треба кривично да одговараат. И сега велиш дека е добро што сме членка на НАТО. Епа, госпоѓо, без Преспа нема НАТО, истакна Пендаровски.

Гордана Силјановска-Давкова, кандидатка за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ беше во Гевгелија. Од таму порача дека мора да имаме уставен патриотизам и да ги почитуваме основните одредби на Уставот, а особено Преамбулата.

– Тоа е едно мало текстче што му претходи на Уставот, ама тоа е филозофијата на Уставот, тоа е македонската уставно правна меморија. И вие не можете да менувате факти како оние од АСНОМ или како оние како се создавала македонската држава, што се случувало на 8 септември. Не можете од тоа да бегате. Зошто, инаку, никој тоа не го прави. Ако само вие го правите, сите ќе ви се чудат и нема да ве почитуваат, рече таа. Според Силјановска-Давкова, уставни измени или најголемиот дел од уставните измени досега не се направени заради Македонија како функционална и демократска држава, бидејќи има многу проблематични решенија во Уставот, што треба да се изменат.

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на промоцијата на Бујар Османи за претседател на државата истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе се обединиле против барањето на ДУИ и Европскиот фронт изборот на претседателот да биде во Собранието. ДУИ и Европскиот фронт ги потсетуваат двете гореспоменатите партии дека, како што оствари првиот премиер Албанец, така ќе биде и првиот претседател Албанец, посочија од партијата.

Кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, ги повика на телевизиски дуел противкандидатите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова за, како што рече, да ги соочат пред граѓаните своите планови и програми.

Димитриевски, оцени дека претседателските кандидати од помалите партии и другите субјекти се речиси невидливи за јавноста, а кампањата не е еднаква за сите.

Билјана Ванковска, кандидатка на Левица во Кочани, рече дека на непосредните средби што ги има со граѓаните го претставува она што може да се каже кога со некого разговарате очи в очи и е дел од нејзината предизборна програма, но срам за овој предизборен процес е отсуството на соочување на кандидатите за претседател.

Кандидатот на Вреди, Арбен Таравар, пак, од Дебар најави забрана на коцкањето и брзите кредити, со кои, како што рече граѓаните се задолжени до гуша, додавајќи притоа дека ќе им помогнат на граѓаните овие долгови да ги покрие државата или владата.

 (М.С.)