Народната банка ја намали каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., на нивото од 5,55%, одлучи Извршниот одбор на Народната банка на последната седница на која се намалени и каматните стапки на расположливите депозити, исто така за по 0,25 п.п., со што каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена ќе изнесуваат 3,95% и 4%, соодветно. Понудата на благајнички записи на редовната аукција е непроменета и изнесува 10 милијарди денари.

– Одлуката за монетарната политика е заснована на оцените за инфлацијата, којашто се движи во рамките на очекувањата, како и на постојаните поволни движења на девизниот пазар. Годишната стапка на инфлација очекувано забрза во ноември и изнесува 4,3% (3,5% во октомври), заради цените на храната. Ова во голем дел се објаснува со пониската споредбена основа од истиот период минатата година, заради мерките преземени тогаш за привремено ограничување на растот на цените. Базичната инфлација бележи забавување на годишна основа, а има и натамошен пад на цените кај енергетската компонента – велат од Народната банка.

Поради тоа што ефектите од споредбената основа кај цените на храната ќе имаат продолжено влијание, од НБ очекуваат до крајот на годината да се задржи годишната стапка на инфлација близу до минатомесечното ниво.

– И покрај ваквите движења, во просек за целата 2024 година се очекува дека инфлацијата ќе изнесува 3,5%, односно во рамките на проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции – потенцираат од НБ.

Што се однесува до состојбата на девизниот пазар, од Народната банка истакнуваат дека е стабилна и движењата се поволни.

– Нивото на девизните резерви на крајот на ноември изнесува 4,92 милијарди евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута – велат од НБ.

Економскиот раст во третиот квартал на 2024 година умерено забрза и достигна 3%, што е блиску до проекциите на Народната банка.

– Растот остварен во првите три квартали од годината изнесува 2,6% и е малку повисок од очекуваниот, при нагорни ревизии во податоците за првата половина на годината. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти. Депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст и движењата засега се подобри од очекувањата за последниот квартал од годината – велат од Народната банка.