Сметките за парно греење од 1 август ќе бидат пониски за 3,16 отсто за домаќинствата приклучени на топланите „Исток“ и „Запад“. Намалување на сметките за 1,71 отсто ќе има за корисниците на топланата „Скопје-Север“ и за 0,5 проценти за домаќинствата приклучени на  „ЕСМ Енергетика“ или т.н. железарско парно. Намалувањето на цената за домаќинствата е пресметано без субвенции. Доколку продолжи субвенционирањето на сметките за парно греење, намалувањето на цената би изнесувала 17,35 отсто.

Исто така, августовските сметки ќе бидат пониски и за 1.200 деловни корисници (фирми, училишта, институции) што се приклучени на градското централно греење. Кај нив, поевтинувањето е поголемо и изнесува 17,3 отсто кај оние приклучени на топланите на ЕСМ, за 17,22 проценти кај топланата „Скопје – Север“ и за околу 40 насто кај „ЕСМ Енергетика“. Цената, пак, за деловните корисници воопшто не беше субвенционирана и досега.

– За недомаќинствата и другите потрошувачи, втор пат ја намалуваме цената за приближни 53 проценти и апелирам да не се исклучуваат од организираниот систем за топлинска енергија од Скопје. Апелирам да се прифатат измените на Законот за градба што ги предложи РКЕ со цел однапред да се знае кои домаќинства на што ќе се греат. Македонија е сиромашна земја и мора да се користи оваа топлинска енергија, а на тој начин ќе го зголемиме бројот на потрошувачи и намалување на цените – рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Регулаторната комисија за енергетика ги донесе одлуките по разгледувањето на поднесените пресметки од компаниите, а најголем дел од нив побарале зголемување на цената на парното до 50 проценти. Бислимоски рече дека дел од компаниите не биле задоволни од одлуките на регулаторот и најавиле дека ќе ги обжалат пред Управниот суд.

– Сигурен сум дека фактите што ги имаме наведено во нашите одлуки се добри и нема да има никакви промени на овие одлуки – рече Бислимоски.

Тој појасни дека одлуките биле донесени врз основа на фактот што во моментов цените, генерално на енергенсите (природниот гас), се стабилизираат и се враќаат во нормала и поради тоа нема потреба и натаму да продолжи субвенцијата од државата како што беше во изминатите две и пол-три години, која беше воведена поради енергетската криза. За таа намена, оттогаш досега вкупно се потрошени 12 милиони евра.

– Субвенциите, несомнено, помогнаа да се амортизираат ефектите од енергетската криза, претходно и од пандемијата. Ова е одличен период за енергетските компании финансиски да се стабилизираат и да се консолидираат и да стартуваат со реализација на инвестициски проекти, како и со зафати за рехабилитација на инфраструктурата – рече Бислимоски, посочувајќи на сè уште непоставената топловодна цевка на мостот „Беласица“. 

Тој упати апел да се постави цевката пред почетокот на грејната сезона за да стане функционална.

–  Каква зима ќе имаме – никој не знае, дали ќе биде блага или со температури под нулата. Алтернативниот цевковод е со помал капацитет и доколку има студена зима, ќе има проблеми во снабдувањето на најголемиот дел од потрошувачите во Скопје доколку навреме не биде поставен цевководот под „Беласица“ – потенцира Бислимоски.

Тој напомена дека топланите се должни да им испорачаат топлина од 21 степен до домовите и работните места на корисниците.

На системот за парно греење во Скопје се приклучени 64.000 домаќинства. Од нив, најмногу – 59.000 се на системот на ЕСМ или поранешен БЕГ, 1.900 се на железарското парно или на „ЕСМ Енергетика“, а 400 домаќинства се на топлификацијата „Скопје-Север“. Грејната сезона почнува на 15 октомври и трае до 15 април.

(С.Бл.)