„СЕ НАДЕВАМЕ НА ОПИПЛИВ НАПРЕДОК“ Хамас: Во Доха започнаа преговорите за продолжување на примирјето во Газа

46

Палестинското движење Хамас вечерва соопшти дека во Доха започнале индиректни преговори за продолжување на примирјето со Израел во Појасот Газа, кое е на сила од 19 јануари.

„Почна нова рунда преговори за прекин на огнот и се надеваме дека ќе резултира со опиплив напредок кон започнувањето на втората фаза“, рече високиот претставник на Хамас, Абдел Рахман Шадид.

Тој изрази надеж дека напорите на американскиот пратеник Стив Виткоф ќе доведат до почеток на преговорите за втората фаза од прекинот на огнот.

Шадид додаде дека американската администрација, историски сојузник на Израел, „сноси одговорност за нејзината неограничена поддршка на окупаторската влада (на Израел)“.

Договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на САД, Катар и Египет, започна на 19 јануари, по 15 месеци војна на палестинската територија, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

За време на првата фаза, која заврши на 1 март, Хамас врати 33 израелски заложници, вклучително и осум мртви, киднапирани за време на нападот на 7 октомври, а Израел ослободи околу 1.800 палестински затвореници.

Делегациите на Израел и Хамас се обидуваат преку американски и катарски посредници да ги надминат несогласувањата околу втората фаза од договорот.

Според Хамас, ова бара траен прекин на огнот, целосно израелско повлекување од Појасот Газа и ослободување на преостанатите заложници.

Израел од своја страна сака продолжување на првата фаза од прекинот на огнот до средината на април, а пред втората фаза од примирјето бара целосна демилитаризација на територијата, заминување на Хамас и враќање на сите заложници.

Според израелската армија, во Појасот Газа остануваат 58 заложници, од кои 34 се мртви.

ИЗДВОЕНИ