Се крена бура поради „укинувањето на Шенгенот“: Германија ветува – нема да има гужви на границите!

На патниците им се препорачува да носат лични документи или визи, доколку се државјани на земји кои не се членки на Шенген зоната.

263
EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Германската полиција почна да спроведува построга контрола на сите копнени гранични премини, а властите се обидуваат да ги смират соседните земји кои се вознемирија поради „крајот на Шенген“.

По терористичкиот напад што го изврши барател на азил во таа земја, германските власти најавија дека повторно воведуваат гранични контроли за справување со нерегуларната миграција. Тоа значи дека полицијата може да ги проверува возачите на границата со Луксембург, Белгија, Франција и Данска, што е спротивно на принципите на Шенген зоната, која подразбира слобода на движење.

Контроли веќе постојат на границите со Австрија, Чешка, Полска и Швајцарија.

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер истакна дека нема да се проверува секој автомобил.

„Нема да има долг сообраќаен метеж, но ќе спроведеме паметни контроли“, рече таа.

Како што наведоа, мерките ќе бидат флексибилни и временски и локациски, а ќе може да се спроведат и до 30 километри оддалеченост од границата.

На патниците им се препорачува да носат лични документи или визи, доколку се државјани на земји кои не се членки на Шенген зоната.

Но, и покрај најавите, властите признаа дека „не се исклучуваат привремени гужви на границите“.

Соседите на Германија веќе бурно реагираа на овој потег. Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека проверките се „неприфатливи“, додека полскиот министер за надворешни работи Владислав Теофил Бартошевски изјави дека Полска воопшто не била информирана однапред.

Германскиот канцелар Олаф Шолц наскоро треба да разговара со европските лидери за случувањата на границата.

Како функционира Шенген зоната?

Шенген зоната главно функционира како единствена јурисдикција за меѓународно патување, со заедничка визна политика.

Областа го добила своето име по Шенгенскиот договор, кој беше потпишан во 1985 година во Шенген, Луксембург.

Од 29 земји-членки на Европската унија, 23 се целосно во Шенген зоната, а две се само во воздушната и поморската зона.

Од четирите членки на ЕУ кои не се целосно дел од Шенген, три – Бугарија, Кипар и Романија – се законски обврзани да се приклучат во иднина.

Ирска ја задржа опцијата за одбивање и наместо тоа води сопствена визна политика.

На 31 март 2024 година Бугарија и Романија се приклучија на Шенген, но само преку воздушни и поморски граници, а за копнените граници ќе се разговара во декември оваа година.

Шенген зоната вклучува и три европски микродржави – Монако, Сан Марино и Ватикан, кои одржуваат отворени граници за патнички сообраќај со другите земји-членки на Шенген.

Шенген зоната има речиси 420 милиони луѓе и површина од 4.312.099 km2.