Лошите резултати на Лијам Лосон во Формула 1 го принудија тимот на Ред бул по само две извозени трки да размислуваат за промена во составот на возачи. Прво име што се споменува за негов наследник е Јуки Цунода, кој е во одлична форма.

Младиот Новозеланѓанец Лијам Лосон имаше навистина тежок почеток на сезоната, се мачеше во квалификациите, но и на трките, па досега не освои ниту еден бод.  Тој не успеа да ја оправда довербата на првите трки сезонава, што дополнително ги засили шпекулациите за можна промена во возачката постава во Ред бул.

Од друга страна, Јуки Цунода ја вози својата петта сезона за Рејсинг булс и постепено се етаблира како еден од најконстантните возачи на средината од поредокот. Неговата добра форма го доведе во центарот на вниманието и сè почесто се споменува како сериозен кандидат за преселба во Ред бул.

Преселбата во Ред бул би била огромен чекор за Цунода, кој покажува потенцијал со години, но никогаш не доби шанса во болид од врвна класа.

Тимскиот шеф на Ред бул, Кристијан Хорнер, не ја отфрли можноста за промена на возачот пред Јапонското ГП, што, секако, дополнително ги подгрева шпекулациите.

Поради ова, Цунода беше прашан за потегот и за проблемите со кои се соочува Лосон во Ред бул.

  • Не сум го возел тој болид (RB21), па не знам зошто има Лосон проблеми – рече Цунода, гледајќи на своето тестирање на болидот на Ред бул во Абу Даби, минатата година.

Јапонскиот возач тогаш имаше можност да го почувствува болидот на Ред бул, но не можеше директно да ја спореди својата брзина со онаа на Верстапен.

  • Во тоа време, не се возев со Макс, па не знам колкава разлика во брзината имаше меѓу мене и него. Сепак, не се чувствував лошо во Абу Даби. Во добра форма сум – објасни Цунода.

Останува да видиме дали во наредните неколку дена ќе реагираат од тимот на Ред бул и ќе успеат да извршат промена во возачките редови.

ИЗДВОЕНИ