Градоначалникот на Општина Кавадарци објави конкурс за избор на правно лице, организатор на културни настани како што е „Тиквешки гроздобер“.
Од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев информираа дека меѓу културните манифестации што ќе се организираат е и традиционалниот настан, посветен на виното, во февруари, во чест на верскиот празник „Свети Трифун“, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.
– Обврска на правното лице е во целост да ги испланира, организира, реализира и менаџира културните манифестации – се наведува во конкурсот.
Од кабинетот на Јанчев појаснија дека за разгледување на пријавите од јавниот конкурс, градоначалникот формирал петчлена комисиja составена од претставници од културните институции и општинската администрација.
– Приложените проекти мора да содржат образложение и предлог финансиска конструкција, во која ќе бидат наведени средствата потребни од буџетот на Општина Кавадарци, како и средствата обезбедени од Министерството за култура, сопствени средства и други извори – соопштија од кабинетот на Јанчев.