Се истражува зошто хеликоптерот не ги следел упатствата од контролната кула пред да удри во авионот над Вашингтон

1017

Истражителот Тони Стентон истакна дека конкретно ќе испита зошто екипажот на Блек Хок не ги следел упатствата што ги добил. Поранешниот пилот на хеликоптер Пол Бивер, пак, е уверен дека причина за несреќата е човечка грешка. Спасувачите кои вчера ја пребаруваа реката се сомневаат дека има преживеани, а ако тоа се покаже точно, ова би била авионска несреќа со најмногу жртви што се случила во САД. Во реката вчера е пронајдена една од црните кутии.

 

Зошто екипажот на воениот хеликоптер „Блек Хок“ не ги следел упатствата што ги добил од контролната кула на аеродромот во Вашингтон е мистерија што треба да ја одгатнат истражителите за да дојдат до вистината за несреќата што се случи во средата вечерта кога во воздух се судрија хеликоптер на американската армија и патнички авион на „Американ ерлајнс“. Тела на загинати денеска се извлекуваат од реката Потомак во Вашингтон, каде што паднаа леталата, но се трага и по преживеани, иако се претпоставува дека нема такви. Во авионот имало 64 лица меѓу кои петнаесетина уметнички лизгачи и нивни тренери и членови на семејствата, кои патувале од Вичита, Канзас, каде што се одржувало национално првенство во уметничко лизгање. Во хеликоптерот, кој бил на тренажен лет кога се случи судирот имало тројца војници.

Денеска е пронајдена една од црните кутии која се очекува да даде повеќе одговори, а во меѓувреме експерти од целиот свет се обидуваат да разберат како дошло до судирот, зашто  националниот аеродром „Реган“, во чија близина се случи несреќата има софистициран систем за контрола на воздушниот простор.

-Јасно е, кога ќе ги погледнеме траекториите на авионите и радиокомуникациите, дека на хеликоптерот „Блек Хок“ му било наложено да одржува визуелна одвоеност од летот 5342 поради некоја причина, и сè уште не знаеме која е таа причина, рече Тони Стентон од австралиските воздухопловни сили за ЦНН и појасни дека контролната кула во Вашингтон се разликува од многу други бидејќи користи две радиофреквенции, едната за комуникација со хеликоптери, а другата за авиони.

Тоа што леталата комуницирале со кулата на различни фреквенции, според него можело да создаде бариера за ситуацијата во свеста на пилотите. Стентон  истакна дека како истражител конкретно ќе испита зошто екипажот на Блек Хок не ги следел упатствата што ги добил. Поранешниот пилот на хеликоптер Пол Бивер, пак, е уверен дека причина за несреќата е човечка грешка.

-Тешко е со сигурност да се каже дали судирот можел да се избегне, но јасно е дека се работи за страшна несреќа. Ова изгледа како класичен пример за човечка грешка. Контролата на летање може да дава само препораки, но пилотот презема лична одговорност за летот, објасни тој.

Бивер истакна и дека авионот бил на конечно приближување до пистата, што според правилата за летање му давало предност пред хеликоптерот кој требало да преземе мерки за да избегне судир.

-Ја прелетував реката Потомак и можам да потврдам дека тоа е многу предизвикувачки воздушен простор. Таму сообраќајот е исклучително густ, што повремено доведува до вакви несреќи, заклучува Бивер.

Џеф Гузети, поранешен истражувач на несреќи во Федералната управа за авијација и Националниот одбор за безбедност на транспортот, рече дека постои поставена маршрута за транзит на хеликоптери на север и југ долж реката Потомак во градот Вашингтон.

-Тоа е коридор каде што на хеликоптерите им е дозволено да летаат на ниско ниво, рече тој.

„Асошиетед прес“ пренесе информација дека неколку минути пред патничкиот авион да слета на аеродромот, контролорите на летање го прашале пилотот дали може да слета на пократката писта на аеродромот, а кога тој одговори дека може го упатиле на пистата 33. На помалку од 30 секунди пред падот, контролорот го прашал пилотот на воениот хеликоптер дали може да го види авионот, а еден од членовите на екипажот одговорил дека може. Неколку моменти подоцна повторно се јавил, но потоа се случила страшната несреќа.

Во водите на Потомак 300 спасувачи бараат преживеани, но извлекуваат само мртви тела. Спасувачката акција се одвива во извонредно тешки услови, па според спасувачите ќе трае неколку дена. Тие се сомневаат дека има преживеани, а ако тоа се покаже точно, ова би била авионска несреќа со најмногу жртви што се случила во САД.

-Водата во која пребаруваме е длабока околу осум метри. Има ветер, има парчиња мраз, така што едноставно е опасно и тешко оди потрагата. И бидејќи видливоста таму е мала, го пребаруваме секој милиметар. Нуркачите го прават истото во водата. Водата е темна, матна и тоа за нив се исто така тешки околности, вели Џон Алив, командант на противпожарна бригада.

Досега од водата се извлечени повеќе од 30 тела. Властите соопштија дека авионот при падот се преполовил. На социјалните мрежи се појавија снимки кои го покажуваат моментот на судирот. На една од нив јасно се гледа експлозијата која создава голема огнена топка на небото. Има и очевидци кои велат дека она што го виделе било ужасно. Сведок на несреќата бил и новинарот Ари Шулман, кој вели дека додека возел во тој дел од градот видел искри што се шират долж авионот, од носот до опашка, а леталото нагло свртело надесно.

Се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп кој судирот на леталата го оцени како „лоша ситуација која изгледа дека требало да се спречи“.

„Авионот беше на совршена и рутинска линија на приближување до аеродромот. Хеликоптерот се движел директно во авионот подолг временски период. Зошто хеликоптерот не се качил, ниту се спуштил, ниту пак се свртел. Зошто контролната кула не му кажала на хеликоптерот што да прави наместо да праша дали го виделе авионот“, напиша Трамп на својата платформа „Трут сошл“.

 

Во несреќата загинаа и Руси, светски шампиони во уметничко лизгање

Руските државни медиуми објавија дека во несреќата загинале и Евгенија Шишкова и Вадим Наумов, поранешни светски шампиони, а сега тренери. Се верува дека во авионот бил и нивниот син Максим, исто така лизгач.

Шишкова и Наумов, кои биле во брак, освоија златен медал во двојки на Светското првенство во 1994 година и живееја во САД, каде што работеле со млади лизгачи.

Агенцијата ТАСС објави дека во авионот била и Ина Вољанскаја, уште една бивша лизгачка, која се натпреварувала за Советски Сојуз.

ИЗДВОЕНИ