Се истражува корупција во Европскиот парламент, неколку уапсени под сомнеж за перење пари

261

Белгиското обвинителство вчера соопшти дека неколку лица се уапсени и се на сослушување за наводна вмешаност во корупција во Европскиот парламент. Апсењата се извршени во рација што белгиската федерална полиција ја спроведе во раните утрински часови.

-Можеме да потврдиме дека имаме тековна истрага за прелиминарните обвиненија за активна корупција, фалсификување документи, перење пари во Европскиот парламент, рече портпаролот на белгиското обвинителство.

Обвинителите известија дека во текот на операцијата биле извршени претреси на 21 адреса во Брисел, во Фландрија, Валонија, но и во Португалија. Притоа се запленети документи и предмети со цел да се истражи можна поврзаност со перење пари.

Иако имињата и позициите на лицата вклучени во случајот не се откриени, обвинителите рекоа дека истрагата е фокусирана на корупција, фалсификување документи и употреба на лажни легитимации, за кои се верува дека се случувале редовно и „многу дискретно“ од 2021 година до денес. Овие активности, наводно, се вршеле „под изговор за комерцијално лобирање“ и вклучувале различни форми, како што се плаќања за преземање политички позиции или давање подароци, во вид на оброци, патни трошоци или покани за фудбалски натпревари.

-Европскиот парламент ги зема предвид информациите. Кога ќе се побара, тој секогаш целосно соработува со правосудните органи, рече портпаролот на Европскиот парламент.

Според истражувачкиот медиум „Следете ги парите“ и белгиските публикации „Ле Соар“ и „Кнак“, кои први известуваат за ваквите случаи, околу 15 поранешни и сегашни европратеници се „на радарот“ на истражителите.

Последниот потврден случај на корупција во Европскиот парламент беше на крајот на 2022 година, кога италијанскиот политичар Пјер Антонио Панцери беше обвинет во истрагата која утврдуваше дали Мароко и Катар „купиле влијание“ во Европскиот парламент. Тогаш  полицијата изврши повеќе од 20 рации, главно во Белгија, но и во Италија и пронајде стотици илјади евра во дом и во куфер во хотел во Брисел. Панцери, неговиот поранешен помошник Франческо Џорџи, грчката европратеничка Ева Каили, чиј партнер е Џорџи и шеф на невладина организација беа приведени во полициските рации. Панцери беше осуден за корупција, перење пари и членство во криминална организација.

ИЗДВОЕНИ