Се испраќаат покани за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, ќе се види кој каде ќе се одзве

Какви се манифестации ќе бидат организирани во Македонија сè уште не е дефинирано, но извесно е дека ќе бидат одржани традиционални чествувања пред неговиот гроб во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, но и во други македонски градови. Од македонската Влада вчера не можеше да се добие информација за тоа какви сè манифестации ќе бидат одржани и кој сè ќе присуствува на нив. Во Софија веќе е најавено чествувањето со концерт за кој поканата за присуство е испратена до македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и до македонскиот премиер Христијан Мицкоски

552

Без тензии и еуфории наближува чествувањето на 153. годишница од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кое ќе се одржи на 4 февруари. Какви сè манифестации ќе бидат организирани во Македонија сè уште не е дефинирано, но извесно е дека ќе бидат одржани традиционални чествувања пред неговиот гроб во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, но и во други македонски градови. Од македонската Влада вчера не можеше да се добие информација за тоа какви се манифестации ќе бидат одржани и кој сè ќе присуствува на нив. Но, наспроти ова, од општина Делчево, вчера, ни изјавија дека веќе се во тек подготовките за традиционално чествување во спомен на големиот македонски револуционер.

-Како и во претходните години, во центарот на градот пред споменикот на Гоце Делчев, ќе биде положени букети цвеќе од градоначалникот, од Советот, од партиите, здруженијата на граѓани… Ќе биде изведена и пригодна културно- уметничка програма, како и предавањата во училиштата за значењето на Гоце Делчев во нашата историја – ни изјавија вчера во Општина Делчево.

Во јавноста нема ниту најави за организирано доаѓање на групи граѓани од Бугарија на гробот на Гоце Делчев, во дворот на црквата „Свети Спас“, во Скопје. Такви најави нема на социјални мрежи каде што вообичаено се споделуваа со цел заинтересираните бугарски државјани на време да се организираат. Минатата година, на 4 февруари, чествувањето на 152-годишнината пред саркофагот на Гоце Делчев помина без организирани групи бугарски граѓани и официјални делегации од Бугарија. Тоа, сигурно, се должеше на тензиите кои се случија пред две години, во февруари 2023 година, кога во своевиден грч и со тензии се чествуваше роденденот на Гоце Делчев. Тогаш, полицијата со денови „стражареше“ во близина на црквата „Свети Спас“, каде што движењето на граѓаните беше ограничено, а зајакнати безбедносни мерки и проверки имаше и кај црквата „Свети Спас“, но и на граничниот премин со Бугарија, по најавите дека организирана група од источниот сосед ќе дојде да се поклони на гробот на македонскиот великан. Сепак, со сите преземени мерки, одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев помина мирно. На граничниот премин Деве Баир имаше 4-часовен застој на границата поради „пад“ на македонскиот граничен систем, поради „технички проблеми“. Откако граничната полиција го реши проблемот, почна со пропуштање на возила кон Македонија, но, сето тоа се одвиваше бавно. Засилените безбедносни мерки следуваа откако тогашниот претседател Стево Пендаровски на Советот за безбедност предложи бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да биде прогласен за персона нонграта во Македонија. Тогашниот бугарскиот технички министер, пак, Демерџиев по положувањето цвеќе на гробот, ги оцени како драконски полициските мерки за обезбедување на овој настан.

-Односите меѓу нашите два народа не претпоставуваат вакви драконски мерки на кои сведочиме. Сигурноста треба да се ограничи на местото на одржување, сигурноста значи сите кои сакаат да дојдат слободно да можат да пристигнат на гробот на Гоце Делчев. Имало бугарски граѓани кои биле спречени на граница да влезат во Македонија и рече дека треба да им се даде можност на сите да одадат почит. Ние не дојдовме овде да правиме провокации, туку да покажеме почит. Ние сме соседи и добрососедството треба да продолжи – рече тогаш Демерџиев.

Од друга страна, во Софија е веќе закажано чествувањето на роденденот на Гоце Делчев. Меѓународната фондација за соработка и културен натпревар „Гоце Делчев” најави дека на 4 февруари годинава, со почеток од 19 часот, во Воената академија ,,Г.С.Раковски” во Софија ќе се одржи концерт спектакл со класична музика и поезија. На настанот под патронатството на бугарскиот претседател Румен Радев ќе учествуваат Илина Митревска, сопран од Македонија, Нели Динева, сопран од Бугарија, Валентина Божиновска поетеса од Македонија, Елисавета Шапкарева поетеса од Бугарија, Љупка Бјаџони Гутенберг – диригент од Германија и Софиски симфониски оркестар.

– Покана за присуство на концертот во чест на 153 години од раѓањето на Гоце Делчев што ќе се одржи во Софија, на 4 февруари, е испратена до македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и до македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Сè уште не сум добил потврда за нивно присуство. Сигурно ќе присуствува бугарскиот претседател Румен Радев, под чиј патронат ќе се одржи манифестацијата. Поканет е и новиот бугарски премиер Росен Желјасков, за кој се уште не добивме потврда за присуството. Поканите се испратени и до повеќе други лица – пратеници и претставници на државни институции, како и пријатели на Фондацијата – од двете земји – изјави за весникот ВЕЧЕР, Христо Христов, претседател на оваа Фондација.

До затворањето на весникот од Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова и од Владата не добивме информација дали тие планираат да присуствуваат на концертот.

Според Христо Христов, кој е диригент по професија и кој во 2021 година, диригираше со Македонската филхармонија на чествувањето на денот на загинувањето на Делчев, ова е нова шанса за културната дипломатија меѓу двете земји.

-Културната дипломатија може многу да помогне во надминувањето на проблемите меѓу двете земји. Таа е многу силна. Културните форми се самиот почеток и самиот крај на секоја желба за подобрување на односите – рече Христов за весникот ВЕЧЕР.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во септември присуствуваше на настапот на Македонската опера со претставата „Набуко“, заедно со бугарскиот претседател Румен Радев, а што се толкуваше како културна дипломатија. Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека е подготвен за средба со новиот бугарски премиер Желјасков со цел да се деблокира процесот на македонската евроинтеграција. (Б.Ѓ.)

Во Софија ќе се слуша поезија на Андоновски и „Последното обраќање на Гоце Делчев кон Македонија“

Според сознанијата, на концертот во Софија ќе се рецитира и поетското дело  „Последното обраќање на Гоце Делчев кон Македонија“, од македонскиот писател Венко Андоновски. Во поемата, напишана пред неколку години од Андоновски, авторот замислува што порачал апостолот на македонската револуционерна борба во својата последна порака до својата татковина Македонија. Неа ќе ја изведе поетесата Валентина Божиновска, која потоа и ќе ја рецитира поезијата на Тодор Чаловски посветена на манастирот „Свети Јован Бигорски“.

ИЗДВОЕНИ