Големиот пожар во Лос Анџелес проголта илјадници домови, а меѓу нив е и имотот на познатиот американски пливач Гери Хол Јуниор (50). Тој освои десет олимписки медали, од кои пет златни, но стравува дека сите тие изгореле во пожарот.
Хол откри како побегнал од својот дом во предградието Пацифик Палисадес откако го видел пожарот низ неговиот прозорец.
-Разговарав со ќерка ми на мобилен телефон и видов како избувнуваат пламени. Имаше експлозии, немав многу време. Парчиња жар паѓаа врз мене додека трчав кон автомобилот. Ќе биде тешко да се врати сè во нормала и да се обидеме да ги пронајдеме работите што можеби го преживеале пожарот. Немав време да грабнам ништо, сè исчезна за секунда, истакна Хол, а пишува „Дејли мејл“.
Со себе имал само инсулин, слика од дедо му и верски предмет што му го подарила ќерката. Со него било и неговото куче Падлс.
- Сите сакаат да знаат дали изгореа медалите. Да, изгореа. Можам да живеам без нив. Тоа се само работи. Ќе бидам преплавен со емоции кога ќе се вратам. Ќе копам низ пепелта и ќе видам дали се стопиле медалите, сподели Хол.
Тој отишол да го види семејството во Сан Диего, но сцените што ги видел ќе му останат долго во глава.
- Луѓето едноставно ги напуштаа своите автомобили и бегаа, полицијата им порача да го направат тоа. Не сум видел вакво нешто ниту во филмовите со апокалипса, додава Хол.
На платформата GoFundme се појави кампања за помош на познатиот американски пливач. Целта е да се соберат 25.000 долари за да може да почне од почеток.
- Тој беше принуден да остави зад себе сè што поседува, како незаменливи семејни наследства, фотографии… Најверојатно ги загуби и десетте олимписки медали, но ништо не може да му го одземе духот со кој ги освои тие медали, стои во описот.
Хол се најде на насловните страници на светските медиуми и во 2006 година, откако се бореше со ајкула која ја нападна неговата сестра додека ловеле подводен риболов на Флорида. Во изминатите неколку години работеше како тренер по пливање.
Хол се натпреваруваше на своите први Олимписки игри во Атланта во 1996 година со само шест години пливачко искуство. Освои два сребрени и два златни медала. Во ист ритам продолжи и во Сиднеј, каде што освои два златни медала и еден сребрен, додека во Атина во 2004 година освои злато и бронза.