Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, отиде во Царинската управа за да слушне од директорот Бобан Николовски како се реализираат проектите што ги спроведува Министерството за транспорт како дел од процесот за унапредување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, а се насочени за модернизација и унапредување на работата на граничните премини.

Еден од проектите е новиот систем за видеонадзор и автоматско препознавање на регистарските таблички, преку кој се инсталираат повеќе од 350 типови надзорни камери на граничните премини.

– Се разговараше и за реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, проект што ќе започне да се реализира во скоро време. Исто така, на средбата се отвори и прашањето за имплементација на едношалтерскиот систем „SingleWindow”, преку кој ќе се поврзат државните институции за подобрување на услугите за граѓаните и за бизнис-секторот – информираа од Министерството за транспорт.

Министерот Николоски истакнал уверување дека проектите се реализираат со потребната динамика, сè со цел да се унапреди системот на услуги што се овозможува на граничните премини.

– Подобрување на условите за работа на граничните премини е процес кој го спроведуваме во соработка со Царинската управа и преку кој создаваме систем на квалитетни услуги за сите економски оператори. Со реализација на овие проекти, го унапредуваме транспортот, ја зголемуваме ефикасноста на граничните премини и ова се проекти со кои обезбедуваме бенефит за Министерството за транспорт, за Министерството за внатрешни работи, Царинската управа и за други државни институции. Ова е од огромно значење и за регионалната соработка како владин приоритет – истакна министерот Николоски на средбата.