Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалниците од ВМРО – ДПМНЕ од Струмичкиот регион, денеска беше на увид на изградбата на пешачка и рекреативна патека од Ново Село до Мокриево со средства од првиот повик од унгарскиот кредит. Во изјавата за медиумите Мицкоски апелираше до градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, да аплицира со проекти од вториот повик.
– Не е време за политиканство, време е да се работи за граѓаните. Помина времето кога Македонија се крадеше, понижуваше, омаловажуваше, засрамуваше сега е време кога треба да се гради без разлика што тој можеби во некој внатрепартиски предизборен занес се обидува да ја критикува Владата. Во ред, тоа е негово право и тоа практично тој може да го прави, но го замолувам лично и од името на Владата да достави проекти, нормално да не биде како во првиот повик согласно критериумите да достави проекти за да можеме и тие проекти да ги исфинансираме и за Општина Струмица, а ќе продолжиме да ги финансираме проектите слушнавте и во Ново Село и во Босилово и во Василево, така што нема заборавени делови како што кажа министерот за локална самоуправа, истакна претседателот на Владата.
Додаде дека овие капитални инвестиции се и добра можност и за економијата за да може да се разадвижи, така што остануваат фокусирани на решавање на децениски проблеми на граѓаните.
Според министерот Перински, Владата инвестира во проекти кои произлегуваат од потребите на граѓаните и за Владата не постои заборавено место, а на општини како Ново Село и е потребна помош. Тој информираше дека за вториот повик досега има 410 апликации од страна на општините.
-Од вкупно 288 проекти од првиот повик според пресекот од 1 февруари годинава само 7 не се почнати. Јас очекувам на следниот пресек сите проекти да бидат во фаза на тендерирање и голем дел од нив, повеќе од 200 се во фаза на изградба, повеќе од 15 се завршени, така што сме задоволни од динамиката на реализација на проектите, рече Перински.
Градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, подвлече дека патеката е долга 5 километри и и во тек е изградбата на првата фаза.
-Патеката е особено значајна за поврзување на овие две населени места како едни од поголемите во Општината. За вториот повик како Општина имаме аплицирано со девет проекти и сметам дека овие проекти значајно ќе го подобрат работењето на локалните самоуправи кои сме рурални и немаме средства за финансирање на капитални проекти, рече Божинов.
По Ново Село владината делегација ја продолжи посетата на Општина Василево, каде беше извршен увид на градежните работи на изведба на канализациска мрежа, за која се обезбедени 28 милиони денари, а должината на канализациската мрежа е околу 4 километри.